Економија 09. јуни 2019. / 22:41

Сугарески се пофали дека без свеченост го пуштиле патот Миладиновци-Штип

Сугарески се пофали дека без свеченост го пуштиле патот Миладиновци-Штип

Автопатот Миладиновци-Штип беше пуштен во употреба без свечености, за да можат граѓаните да го користат што побрзо, спротивно на тврдењата дека СДСМ го кочи неговото отворање, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во Централниот дневник на 1ТВ.

– Штом се обезбедија безбедносните услови коишто ги споменувавме претходно, веднаш во средата беше пуштен во употреба експресниот пат Миладиновци-Штип. Во неколку натписи изминатиот период читав дека во изминатите две години СДСМ намерно го кочела пуштањето на патот во употреба, што апсолутно не е точно. Кога дојдовме на власт имаше бројни нерешени проблеми и патот, ако сакате, беше направен 55%, а 45% не беше бидејќи немаше потпишано анекс на договор затоа што на 1 мај 2017 требаше да биде готов. Ние потпишавме на 30 септември и за неполна година и пол патот беше направен. Проблеми што излегоа дополнително беше писмото пратено од кинеската компанија за безбедносните огради кои беа во проектот, но не и во сметката. – рече Сугарески и нагласи дека пред пуштањето во употреба, најважна била безбедноста на патниците.

За автопатот биле потрошени околу 40 милиони помалку од првичниот договор направен со Синохидро, односно ако бил околу 226 милиони, потрошени се меѓу 177 и 180 милиони евра. Новата делница, според министерот, и покрај сите проблеми, како дислокација на далновод, сега имаме модерен автопат кој ги задоволува потребите и на нашата држава и на патниците од Европа.

Сугарески, по апелот дека градежниот факултет не располага со современа лабораторија за испитувања, рече дека се разгледуваат повеќе опции, како ЈПДП или ФИТР за да се обезбеди дел од средствата за модерни инструменти.

Тој изјави дека на автопатот Миладиновци-Штип, на едната патарина возачите ќе плаќаат 50, а на другата 70 денари.

– Се зборува дека ќе се покачуваат. Прво, морам да кажам дека нашата држава има најевтини патарини. Со изградбата на овие автопатишта во наредните неколку години ќе биде потребна сериозна сума за нивно одржување, која можеби би одела и до 100 милиони евра. – изјави тој и додава дека тие средства ќе се наменуваат преку ЈПДП, кое исто така треба да им враќа на банките кредити за изградените делници.

Министерот нагласи дека градежништвото е веќе на добар пат, затоа што ако лани имале -30%, сега има раст од 7% што придонесува за зголемување на БДП на 4,1%. Тој соопшти дека на 39 места во моментов се врши реконструкција на регионални патишта, што не било направено во изминатиот период. Според него, капиталните инвестиции порано се правеле преку врби и споменици, а сега се трошат на патишта, железници, гасификација, водовод и канализација.

За патот Кичево-Охрид, проблемите се надминати и вели дека се забрзува интензитетот на работата и се во комуникација со кинеската банка која треба да ги ослободи средствата за да продолжи изградбата и в година се очекува да биде пуштен во употреба дел од автопатот. За Дреновска Клисура-Градско, проблемите се надминати и се работи на двата дела, но се прават напори да се забрза работата со поставувањето на мостовите.

За гасификацијата, министерот Сугарески вели дека заклучно со април, реализирани се 27,4%, односно инвесниција од околу 400 милиони денари.

– Реализацијата на гасификацијата ќе биде 100%, а можеби и повеќе. Очекуваме дека до крајот на годинава, магистралниот гасовод ќе биде донесен до градовите, а секундарната и терцијарната мрежа, во соработка со општините, треба да бидат приклучени на него. – рече Сугарески.

Во врска со најавената реконструкција на Владата, министерот Сугаревски рече дека не би сакал да коментира, затоа што тоа е работа на премиерот.