Економија

ССК: Пред да бидат казнети, фирмите да може да ги поправат нерегуларностите

ССК: Пред да бидат казнети, фирмите да може да ги поправат нерегуларностите

Сојузот на стопански комори на Македонија бара да се воспостави систем на работа на инспекциските служби со кој ќе им се даде простор на компаниите да ги поправат утврдените нерегуларности, а не веднаш да бидат казнувани.

Според ССК, потребно е да се промени перцепцијата за инспекциските служби и компаниите да не стравуваат дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојдат инспектори во контрола.

– Не се противиме на контролите, но тие не треба да прават само за да се најдат нерегуларности кај компаниите. И ние како компании и инспекциските служби треба да бидеме фокусирани кон тоа доколку се најде одредена нерегуларност, да се даде можност таа да се исправи без притоа компаниите да трпат штети, истакна денеска на прес-конференција потпретседателот на Комората Александар Милошевски, додавајќи дека неиздавањето на фискална сметка не може да се смета за ненамерна грешка на компаниите.

Анализите на ССК за минатата година покажуваат дека најголем проблем при инспекциите е инсистирањето од страна на инспекторите да се најдат нерегуларности во работењето на компаниите.

Најпосетени од инспекторите се микро, малите и средните претпријатија, а најмногу инспекции се извршени во туризмот и угостителството, текстилната индустрија и градежништвото. Најмалку контроли има во ИКТ секторот. Најчесто контроли прават инспекторите на УЈП, Трудовиот и Пазарниот инспекторат.

Од ССК бараат да бидат вклучени и во изготвувањето на Законот за инспекциски надзор.