Нема реално покачување на просечната плата во Македонија, освен номиналното. Економистот Зоран Витанов вели дека информацијата што ја соопшти министерот за финансии, Драган Тевдовски, дека просечната плата е качена на максимални 24 025 денари е позитивна, само доколку се гледа без никаква анализа. Според Витанов, јазот меѓу сиромашните и богатите е во пораст, односно Македонија влегува во ера на сериозно социјално раслојување на општеството.
„Аналитиката покажува покачување на платите во банкарскиот и финансискиот сектор, а благо намалување во трудоинтензивните сектори, како земјоделитето, текстилот и други. Имаме покачени цени на некои производи. Масата народ осиромашува, за сметка на 3-4% граѓани кои се богатат. Една влада со спроведување економска мерка како краен ефект треба да има покачување на стандардот кај сите граѓани, што не го гледаме во нашиот случај“, вели Витанов за „Макфакс“.
Тој додава дека министерот за финансии, Драган Тевдовски, е платен од парите на граѓаните за да работи, а не за да се фали. Економскиот аналитичар тврди дека во наредните години и најужасната влада просечната плата би ја подигала над 30. 000 денари.
„Ако во една станбена зграда имаме 100 станари, каде на тројца им се покачиле платите за 50%, а на другите 97 станари им биде намалена за 3%, збирно земено, како статистички просек, платите на станарите се зголемиле. Но, само троца станари ќе имаат ќар, а останатите ќе останат зијан“, вели Витанов објаснувајќи ја ситуацијата во Македонија низ пример.
„Владата мора да ги пренасочи трошоците од буџетот. Имаме премногу недомаќини и паразити во Владата, а нашата економија е кревка и не го дозволува тоа. Време е да ги засукаат ракавите и да покажат принципиелност кон самите себе. Владата е премногу фокусирана на виртуелни теми. Министерот Тевдовски мора да остави другите да зборуваат за него“, вели економистот Витанов.