Економија 26. декември 2019. / 11:45

„Скромноста“ на Заев за Чебрен се претвори во мегаломанија

„Скромноста“ на Заев за Чебрен се претвори во мегаломанија

Премиерот Зоран Заев најави објава на повик за реализација на проектот за изградба на хидроелектраната „Чебрен“ откако на следната седница на Владата во сабота ќе заврши административниот процес.

Бараме, дополни Заев, приватен партнер во јавно приватно партнерство. Се работи за проект меѓу 500 и 800 милиони евра каде Електрани на Македонија ќе влезе со свој удел.

– Проектот за Чебрене помина на Влада, а на следната седница в сабота ќе биде завршен административниот процес и ќе биде објавен јавниот повик“, рече Заев во емисијата Економски магазин на ТВ Алсат М.

Во месец октомври годинава, премиерот Заев најави дека на пролет следната година ќе почне да се гради дел од подготвителната инфраструктура за со децении планираната хидроцентрала „Чебрен“. Тогаш тој изјави дека и во услови на техничка влада, одржување на избори, кусиот рок за распишување на тендер и без нова студија која ја изготвува меѓународната финансиска корпорација ИФЦ, дека е сепак уверен дека изградбата ќе започне.

– Инвестицијата е меѓу 500 до 800 милиони евра, џиновска е и бара меѓународен инпакт и во делот на балансирање на енергијата, а како потенцијал за производство на чиста енергија кај нас во С.Македонија. Наша задача е пролета 2020 да се гради барем пристапниот пат, оформување на целата локација, првите почетни работи околу новата брана која ќе биде хидроцентралата Чебрен“, рече тогаш премиерот Заев.

Но, се отвара прашањето, дали „скромноста“ на премиерот во заминување Заев се претвори во мегаломанија?

Истиот тој премиер, кој сега тврди дека инвестицијата за ХЕЦ Чебрен е џиновска и бара меѓународен импакт, на крајот на април 2018 тврдеше дека Македонија сама ќе го реализира проектот зошто е финансиски стабилна и дека „не станува збор за мегаломански зафат“.

-Чебрен и Галиште ќе биде помала инвестиција од околу 220 милиони евра, а не мегаломански зафат. Убедени сме дека ЕЛЕМ (сегашно ЕСМ) како главен столб на производството на електрична енергија, може да го понесе овој капацитет заедно со Владата и сите институции.“, изјави на крајот од април 2018 година премиерот Зоран Заев.

Изграбата на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река во јужна Македонија е проект стар повеќе од 50 години и ветување на сите Влади досега. Но, низ годините наназад за изградба на „Чебрен“ беа распишани дури 12 неуспешни тендери. Најдобри понуди имаше во 2006 година кога конкуриираа греманската РВЕ и австиската Вербунг, но се повлекоа и наместо кај нас, инвестираа во соседството.