Економија 05. јануари 2019. / 10:26

СДСМ: Во 2019 година ќе се реализира мерката „зелена нафта“

СДСМ: Во 2019 година ќе се реализира мерката „зелена нафта“

Во 2019 година продолжуваат инвестициите во аграрот, земјоделците добиваат повеќе пари, поголема поддршка, „зелена нафта“ и нови капитални проекти, најавува СДСМ во денешното соопштение.

-Земјоделците добиваат 10,5 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Во 2019 година за првпат во историјата ќе се реализира и мерката ‘зелена нафта’, односно поддршка на земјоделските стопанства од 30 отсто при набавка на гориво за земјоделска механизација. Оваа мерка ќе ги намали трошоците за производство на земјоделците.

Минатата 2018 беше година на повеќе пари за земјоделците, на крупни инвестиции во земјоделството, водостопанството, во развојни мерки, ИПАРД програми. Се реализираа крупни инвестиции во водостопанствотото, започна изградбата на браната Конско во Гевгелија, изградба на системот за наводнување на тетовски Полог, обезбедени се 28 милиони евра за системите за наводнување Лисиче во Велес и Чашка, како и Јужен Вардар трета фаза.

Младите фармери добија најголема поддршка досега со исплатени околу 4 милиони евра за грантови – се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ се пофалија и дека земјоделците добиле историски највисока цена на откупот на тутунот од 217.6 денари за килограм како и највисока цена во последните 6 години на откупот на грозјето (13.55 денари за вранец а 12.25 за смедеревка).

-Склучени се договори за набавка на над 700 трактори на оние на кои им се најпотребни. Во 2018 година склучени се рекорден број договори преку ИПАРД програмата, а ЕУ одобри нови 15 милиони евра за конкретни проекти во земјоделството. Светска банка, го поддржа земјоделството во Македонија, со околу 30 милиони евра – вели СДСМ.

Во 2019 се најавуваат нови мерки за поддршка на интегрирани проекти во преработувачката индустрија, зголемена поддршка на сточарството, мерки со кои ќе се влијае на зголемување на извозот, откупот и на примарното производство.