Од денеска, при секое патување во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора, граѓаните на Македонија ќе можат да испраќаат и добиваат СМС, да прават и добиваат повици и да користат интернет за цени пониски до 90 отсто, повторија денеска од владејачката СДСМ.
Тие во соопштението велат дека, сега, просечната цена ќе биде 5,05 денари по минута со вклучен ДДВ во земјите од Западен Балкан, што е пониска за разлика од досегашната 75,4 денари.
– Со ова се намалуваат трошоците за граѓаните и се олеснува комуникацијата.
Дополнително, од 1ви јули 2021 на сила се очекува да стапи и “Роаминг како дома” по примерот на земјите од ЕУ, со што граѓаните нема да плаќаат воопшто било какви роаминг услуги, било да се тоа повици, пораки или интернет. – соопштуваат од СДСМ.
Инаку цените се линеарни и важат за секој оператор и секоја земја.
– Владата предводена од СДСМ останува посветена на креирање и имплементација на мерки кои ги намалуваат трошоците на граѓаните и враќаат се повеќе пари во семејните буџети. – дополнуваат од владејачката партија.