ВМРО-ДПМНЕ реагирaше на прес-конференцијата на министерот за економија Крешник Бектеши кој промовираше нова мерка за поддршка на приватните компании.
Во партиското соопштение, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека државата се соочува со „економско фијаско“ и дека голем број граѓани се оставени без никаква помош.
– Владата не стори ништо да му помогне на стопанството, не стори ништо за да ги сочува работните места на граѓаните. Македонија се соочува со економска катастрофа, растот на македонската економија во првиот квартал изнесува катастрофални 0.2%, додека соседна Србија растот изнесува 5%, Турција 4.5%, Хрватска 0.4%, и соседна Бугарија од 1.2%. За само три месеци 15 илјади граѓани ги загубиле своите работни места. Анализите на стопанствениците велат дека на 50 илјади македонски граѓани им се заканува отказ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека Владата издвоила најмалку пари за помош на економијата за разлика од останатите земји од регионот.
– Македонија е на чекор пред повторување на историјата и сцените од мрачната транзиција. Околу 49 проценти од компаниите забележале пад на приходот од над 80 проценти. Владата наместо сериозно да го помогне стопанството ја остави економијата да тоне. Владата на СДСМ одвои најмал процент од бруто домашниот производ во регионот за помош на економијата, пред нас се сите наши соседи. Благодарение на оваа неспособна власт се губат животи се губат работни места, а изгледите за подобрување на состојбата од ден во ден се се помали. Но она што влева надеж кај граѓаните е тоа што Заев ќе биде поразен, а новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесе обновата на Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.