Барањето на угостителите е логично, но нема олабавување на рестриктивните мерки од понеделник како што побараа.
Сепак министерот Филипче посочи дека за време на празниците граѓаните главно биле дисциплинирани, па затоа на некој од следните состаноци на комисијата за заразни болести, ќе се разгледува и опцијата на угостителите да можат да работат и по 21 часот.
Угостителите пак спасот го гледаат во уставниот суд до кој поднесоа преставка за утврдување на законитоста на мерката, да работат до 18 часот. Очекуваат дека до 21 јануари судот ќе пресече дали одлуката е законита или не. Ако не е, ќе бараат оштета за да ги покријат загубите кои ги имаат направено поради дополнителното кратење на работното време.
Според пресметките на угостителите загубите од рестрикциите ќе достигнат и до 50 милиони евра, иако првично очекуваа да бидат околу 20 милиони евра.
Бараат и при носење на новиот пакет помош тие да бидат опфатени со посебен сет мерки кои Владата ќе ги креира заедно со угостителите.