Економија 25. јуни 2019. / 11:06

Пет фирми добиле над 36 милиони евра од РЕК Битола за година и пол

Пет фирми добиле над 36 милиони евра од РЕК Битола за година и пол

Петте најангажирани фирми во РЕК Битола за ископ на јаглен и ангажман на механизација на повик за година и пол добија договори вредни над 36 милиони евра, пренесе економскиот портал Фактор.

Во овој период РЕК Битола поништи еден тендер за набавка на сопствена механизација, а уште не може да распише нов зашто чека правилници за Законот за јавни набавки кои треба да ги донесе Министерството за финансии. Во меѓувреме вредноста на договорите што ги добија петте фирми за година и пол ја надмина проектираната вредност на механизацијата што треба да ја набави РЕК Битола

Четири битолски компании добија договори вредни 32,75 милиони евра за ископ на јаглен, јаловина и за ангажман на механизациј на повик од РЕК „Битола“ за година и половина. Во битолската „Премиер лига“ освен домашните „Пелистер“, „Марковски компанија“, „РУД КОП“ и „СВ Инвест“ во големата петорка има една скопска „екипа“ – МИС Компани.

Што ги поврзува овие компании?

Прво, сите пет фирми се ангажирани на тендери за ископ на јаловина и јаглен за потребите на најголемата македонска термоелектрична централа (и единствената македонска термоелектрана што работи н.з.) независно дали е редовен ангажман или се работи за ангажан на повик. Второ, заедничко им е и тоа што заедно добиле бизнис од 36,4 милиони евра. Трето, заедничко им е тоа што тендерите ги добиле во мандат на Васко Ковачевски, актуелниот директор на РЕК „Битола“ – човек што додека беше опозиционер, а потоа и пратеник беше жесток и уверлив критичар на владата на ВМРО-ДПМНЕ за ангажманот на речиси истите овие фирми од страна на поранешното раководство на РЕК Битола за истите услуги.

Резиме на досегашното директорување на Ковачевски, како што пишува Фактор, е тоа што за година и половина компанијата што ја води склучи десетина тендери со горенаведените фирми за ископ на јаглен и јаловина и ангажман на механизација, а вредноста на тие тендери ја надминува проценета вредност на тендерот за набавка на сопствена механизација за потребите на РЕК Битола. При тоа тендерот беше поништен со образложение дека новиот Закон за јавни набавки ќе донесе подобра можност за избор на квалитетна сопствена механизација. Новиот Закон за јавни набавки стапи на сила на 1 април и три месеци потоа РЕК Битола или фирмата мајка ЕСМ уште не распишала тендер за нова сопствена механизација.

Цените за единица ископ и тоа колку компании просечно се јавувале на тендер за ископ на јаглен ќе ги анализираме дополнително наскоро.

„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста се обрати до РЕК „Битола“ за да добие одговор кога ќе го распишат тендерот. Причина зошто не е распишан сега биле подзаконските акти кои требало да ги донесе Министерството за финансии.

-АД ЕСМ очекува во најкраток рок да бидат донесени подзаконските акти на Законот за јавни набавки за да биде распишан тендерот за набавка на механизација за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола. Тендерот од наша страна е веќе подготвен.За потсетување, тендер за оваа намена беше распишан минатата година, но истиот беше поништен по многубројните прашања и сугестии од заинтересираните компании. Тогаш беше донесена одлука да се сочека Законот кој стапи во сила во април, а според кој критериум за избор на најдобар понудувач е квалитетот, наместо најниската цена. Со тоа се потврдува нашата цврста определба РЕК Битола како најголем производител на електрична енергија во рамките на АД ЕСМ, да добие опрема која во подолг период ќе ги задоволува потребите. – одговорија од РЕК за Фактор.

Целата анализа на Фактор прочитајте ја ТУКА.