Економија 31. јули 2019. / 16:01

Патот Битола-Демир Хисар во финална фаза

Патот Битола-Демир Хисар во финална фаза

Реконструкцијата на регионалниот патен правец Битола – Демир Хисар е во финална фаза и се очекува асфалтирањето да заврши следната недела, а чистењето на околниот дел на патот да биде комплетирано до средината на август.

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска извршија увид во работите на патот Битола – Демир Хисар во вкупна должина од 10 километри и широчина од шест метри во вредност од 1,5 милион евра, пари обезбедени преку кредитна линија од Светска банка.

– Продолжуваме со големи капитални проекти ширум државата, каде во патна инфраструктура се насочени преку милијарда евра. Во регионот на Пелагонија каде што е и центарот на земјоделството во Република Северна Македонија, се реализираат многу проекти. Овде живеат и преку 200 илјади жители, и затоа е многу важно да ја подобриме комуналната, но и патната инфраструктура заради севкупниот развој на државата. – рече Заев.

Сугарески пак наави уште неколку проекти поврзани со пелагонискиот регион.

– Паралелно сакам да најавам уште неколку проекти што се поврзани со пелагонискиот регион. Станува збор за патот од Битола до Меџитлија, зборувам за постоечкиот пат. Паралелно се работи и на изработка на проекти за експресниот пат од Битола – Меџитлија. Она што е многу битно за овој регион е тоа што во септември ќе има тендер за проектирање на автопатот Прилеп – Битола. Во овој регион исто така се работи и на делот од Макази до Ресен, на проектирање на обиколницата кај Ресен. Во делот на Кривогаштани до Крушево, Македонски Брод, и уште неколку патни правци во Битолско, заедно некаде 50-ина километри ќе се реконструираат дополнително од оваа есен. Сите проекти коишто се ветувани и во Програмата на СДСМ, но и во Програмата на Владата очекувам согласно динамиката 2019-2020 година ќе биде апсолутно реализирана. – рече министерот Сугарески.