Само пет години откако лево-ориентираната градска управа објави банкрот, дојде нова управа која ги намали даноците, која укина многу од бизнис регулативите. Детроит денес станува брзо растечки центар на иновации и претприемништво. Инвестицииво стартапите доаѓаат од повеќе страни: од самиот Град, приватни фондови или пак големи играчи на финансискиот пазар, како Quicken Loans. Затоа сега сè помалку има канцелариски простор што зјае празен, семејства купуваат домови во Детроит повторно, што пак ја врати и побарувачката за стоки и услуги.
“Има една луда енергија што те тера да бидеш тука ако си претприемач“, вели Мелиса Батлер, основач на The Lip Bar, производител на веганска козметика, лоциран во Детроит. Батлер го има лансирано The Lip Bar во Њујорк во 2012 – та, посветувајќи му само дел од својот работен ден, затоа што работела како финансиски аналитичар во банката Barclays. Но, многу набрзо погледот ѝ се сврти кон Детроит. Во тие моменти, градот познат како Motor City се наоѓаше на работ на финансиска катастрофа, мачејќи се со невработеноста од преку 20%. Следната година веќе, администрацијата на Градот Детроит го доживеа најголемиот банкрот во јавен сектор некогаш забележан во САД. Но, Батлер виде прилика во сета таа неволја. Капитал, од државни и приватни извори, почна да станува достапен за претприемачи со идеи коишто би создале приход, нови работни места и би го вратиле Детроит на патот кон економското закрепнување.
“Штом го видов тој наратив на Детроит што значеше промена по банкротот, односно од град на очајот во град на нови можности, решив да ја преселам својата компанија таму и да бидам дел од таа ренесанса“, вели Батлер.
Во 2013 година, таа дала отказ на Волстрит и следната година заминала за Детроит, којшто е и нејзин роден град, со цел fulltime да му се посвети на сопствениот стартап.
Брзо успеала да добие 20.000 долари вреден заем за мали бизниси, од непрофитната организација Detroit Development Fund. Бидејќи цената на недвижностите веќе била падната на рекордно ниски нивоа, Мелиса нашла деловни простории за само 300 долари месечно. Во меѓувреме Мелиса се има преселено во поголеми простории на неколку километри од центарот на градот, за коишто плаќа 1.700 долари, и има ангажирано девет вработени. “Во Њујорк киријата би била најмалку двојно поскапа“, вели таа.
The Lip Bar има една своја продавница во Детроит, исто така.
“Сите мислеа дека сум побудалела, но враќањето во родниот град беше најдобрата работа што ја направив за себе и мојот бизнис“, додава. На почетокот од годинава Батлер склучи договор со трговскиот синџир Target да снабдува со своите производи нивни 142 маркети низ цела Америка. Сега мора да вработи уште најмалку четворица, зашто бизнисот брзо расте.