Освен што не е реагирано со време за спречување на криминалот во Еуростандард банка од страна на Народната банка, дополнителна тежина, гнев и горчина кај оштетените депоненти се и дузината јавни изјави за стабилноста на банкарскиот систем и сигурноста на депозитите на граѓаните и фирмите давани од страна на оваа високо поставена државна институција која го контролира и регулира банкарскиот систем, а посебно интервјуто на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска дадено во мај годинава, на коешто таа изјавува: „Билансите на банките се навистина здрави, се здраво јадро во моментов во нашата економија и нетреба да постои никаква грижа кај граѓаните за нивните депозити“. Каков заклучок носи оваа нејзина изјава како прв човек на Народната банка, институцијата која гарантира за безбедноста и сигурноста на нашите депозити?
Депонентите во банката, физички и правни лица, останаа во неверување дека се измамени, излажани и доведени во заблуда од ваквите изјави на Народната банка на чело со гувернерката дека банкарскиот систем е стабилен и дека депозитите во банките се сигурни. Зошто вакви лажни изјави давани свесно непосредно пред пропаѓањето на Еуростандард банка? Дали е тоа одговорно однесување на една високо поставена државна институција и првиот човек во неа во една демократска и правна држава за каква што тврдиме дека сме?
Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ќе мора да одговори на овие и на други прашања пред оштетените граѓани и фирми депоненти на Еуростандард банка а истовремено и пред целата македонска јавност за време на јавната надзорна расправа во Собранието која се очекува да се одржи наредната недела. Одговорност мора да има и парите да ни се вратат“, се вели во соопштението на Оштетени штедачи.