Економија 09. март 2021. / 10:03

Организаторите на свадби денеска на протест пред Влада

Организаторите на свадби денеска на протест пред Влада

Угостителите и индустријата за организирање на свадби денеска од 15.00 часот повторно ќе протестира пред Владата со своето барање за побрзо донесување на протоколите за работа со кои ќе се вратат во функција сите комплементарни дејности.

Од таму велат дека протокол за работа чекаат веќе една година.

Рестораните за организирани настани, ноќните клубови, музичарите, фотографи, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери веќе неколкупати досега го изразуваа незадоволството од неможноста да работат – прво во скопската населба Автокоманда, а потоа пред Владата.

„Продолжуваме во Вторник (09.03.2021), во 15:00 – 17:00 часот пред ВЛАДА. Целта на овој протест е да се донесат протоколи за работа на рестораните за организирани настани. Да се вратат во функција сите комплементарни дејности (музичари, фоторафи, ателјеа за венчаници, студиа за декорации, слаткарници, цвеќари, шминкери, креатори). Забраната трае, а ние се уште чекаме протокол за работа веќе една година. Протестот ќе биде мирен со почитување на сите здравствени протоколи“, велат тие.

Од таму додаваат дека во прашање е опстанокот на илјадници работни места, а од Владата во меѓувреме се изјаснија дека ќе ги почитуваат само одлуките на Комисијата за заштита од заразни болести.