Економија 29. ноември 2018. / 21:04

Николовски: Од денес почнува аплицирањето за финансиска помош за плата за овчарите

Николовски: Од денес почнува аплицирањето за финансиска помош за плата за овчарите

Сите фармери што одгледуваат овци, кози или говеда од денеска може да аплицираат за добивање финансиска поддршка за плата на овчарите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

-До денес, а од 1 јуни минатата година, се исплатени 36 милиони евра во сточарството. Најголемите ставки за исплати во делот на субвенции одат токму во сточарското производство. Оваа мерка, позната како плата за овчарите, значи дополнителна поддршка која ќе изнесува до 300 илјади денари, ја зголемуваме и тргаме одредени ограничувачки критериуми што постоеја во претходниот период за да може сите да аплицираат, истакна Николовски

Финансиската поддршка, која ја предвидува оваа мерка, е во висина од 60 отсто до 100 отсто од просечната месечна нето-плата во дејноста за период од 1.11.2017 до 31.10.2018 година. Финансиската помош од 100 отсто ќе добијат фармерите што стоката ја напасуваат или чуваат на надморска височина над 700 метри, односно чии регистрирани одгледувачници се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри. На сточарите со одледувачници во населени места на надморска височина под 700 метри им следува државна поддршка во висина од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во дејноста како олеснување на трошокот за чување или напасување добиток (овци, кози, или говеда).

Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите регистрирани земјоделски стопанства. Апликациите може да се поднесуваат до 21 декември 2018 година. Средствата ќе се доделуваат во сооднос едно вработено лице на 150 овци, 50 кози или 50 говеда и тие се неповратни. Бројот на вработени лица за кои е исплатена поддршката треба да биде ист во период од најмалку една година претходно. Максималниот износ на средства е до 300.000 денари од лице и за не повеќе од 20 вработени, а за над 10 вработени лица помошта се намалува 50 отсто.