Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неговото гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 изјави дека ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се врати на власт повторно ќе го врати рамниот данок, односно ќе го укине зголемувањето кое сега го воведува власта на СДСМ со прогресивниот данок.
– Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт ќе ги врати даноците по старо, а за млади, за инженери, и за сите оние кој се занимаваат со информатичка технологија, додадената вредност ќе оди и под 10%. Второ целосно кратење на т.н. скриени даноци од типот на фирмарини и други, кои што се плаќаат во моментов, со цел да го ослободиме бизнисот и повеќе пари да остануваат во бизнисот. – потенцираше Николоски.
Тој посочи дека власта прави маркетиншки трик велејќи дека воведува правично оданочување, но всушност со тој трик се зголемуваат и 5 други даноци, а не се намалува ниту еден.
Како што вели Николоски меѓу покачувањата се наоѓаат и зголемување на данокот на кириите, се погодува IT индустријата, бидејќи поголем дел од младите таму се насочуваат и за прв пат се воведува данок на заштеди.
– Во IT индустријата каде што поголем дел од младите се ориентираат и се отвораат повеќе места и на факултети има поголеми приходи кои сега ќе бидат одданочени со 18% и затоа младите одат во Косово и Бугарија да отвораат сметки за да не бидат оданочени. За првпат се воведува данок на заштеди, оти не секој богат има заштеда туку и помалку имотни што собрале некој денар или продале дел од имот или некое наследство и ќе ги стават парите во банка да зачуваат за децата. – нагласи Николоски.
Николоски се осврна и на желбата на СДСМ за укинување на ВМРО-ДПМНЕ и наведе дека веќе имаат започнато со тој план, но и покрај тоа и да ја укинат партијата не можат да ја укинат идејата, па затоа ВМРО-ДПМНЕ ако треба ќе оди на независни листи и ќе го победи СДСМ на избори.
– Постои мастер план на СДСМ за укинување на ВМРО-ДПМНЕ, првиот чекор е направен, а тоа е замрзнување на имотот, вториот чекор е во тек на реализација, а тоа е политички прогон на околу 300 лица од ВМРО-ДПМНЕ; а третиот чекор е преку инсталации во судство и обвинителство да се забрани дејствувањето на политичката партија од две години па нагоре и последниот чекор е закон со кој што ќе се забрани користење на името ВМРО. – вели Николоски.
Тој потенцираше дека цела јавност е сведок како власта насилно ги тера работите, но треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ пред се е идеја, а па после е политичка организација, и затоа ако е потребно ВМРО-ДПМНЕ на избори ќе оди на независни листи и ќе го победи СДСМ.