Економија 30. јули 2020. / 23:10

Мицкоски: Власта спроведе огромен поткуп со пари, институционално и со пари на рака

Мицкоски: Власта спроведе огромен поткуп со пари, институционално и со пари на рака

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“ обвини дека власта вршела поткуп на граѓаните со пари во рамки на институциите посочувајќи ги картичките за лицата од социјална категорија, но и со пари на рака споменувајќи го примерот во Кавадарци каде што на едно лице на кое му биле дадени 12 милиони денари да врши поткуп на жителите од општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Јас се обидов на едно последно мое интервју да ги објаснам начините како е вршен поткупот во пракса, на еден начин тоа е вршено преку институциите и оние картички на коишто јавноста беше сведок, а и корисник. Ресорниот министер, пред некој ден чинам беше, даде интервју или напиша фејсбук статус каде што вели дека повеќе од 300.000 граѓани се корисници на тие картички, кои практично, според нив, требаше да бидат картички со коишто ќе се помине кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, некаде отприлика 300.000 картички биле поделени со различна вредност, кај некој по 3.000 денари, по 6.000 денари, кај некои 9.0000 денари и според нејзините зборови станува збор за 28 милиони евра кои што институционално се поделени, дури се дела и за време на изборите – вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека таквите картички биле делени до ден пред изборите.

Изборите беа во среда, а буквално до вторникот се делеа тие картички. Потоа продолжија и во четвртокот, иако гледаме сега кај некои корисници има проблеми односно не можат да ги користат тие средства, односно нема уплатено средства. Понатаму тука е и оној проект наречен зелена нафта, каде што имаме случај во Битола каде што висок функционер на СДСМ дели картички за земјоделците и практично на тој начин се обидува да ги условува за кого да го дадат својот глас. Некаде нашата проценка е дека околу 10 милиони евра се поделени вон институционално или ние што велиме пари на рака каде што се делени буквално на цела територија на нашата држава. Пример којшто се кажува низ кулоарите, да речеме во Кавадарци каде што лице кое што требало да подели 12 милиони денари за поткуп во Кавадарци, Неготино и Демир Капија ги земало парите коишто биле наменети за поткуп и потоа исчезнало. Па дошле неколку дена група од родниот град на претседател на една политичка партија, па таа група не успеала да го најде и веднаш донела нови 12 милиони денари – посочи Мицкоски.