Утрово лидерот на најголема опозициска партија, Христијан Мицкоски имаше празнично интервју за НетПрес на кое беа изнесени повеќе негови ставови за актуелната политичка ситуација во Македонија.
На прашањето што мисли Мицкоски за моменталната економска ситуација во Македонија, а и кои се позициите за излегување од оваа криза, тој даде детален одговор кој ви го пренесуваме во продолжение.
Оваа власт нема рецепт и нема стратегија како македонската економија да се движи напред. Ние зборувавме дека е потребна робусна, интензивна реализација на капиталните инвестиции па, дури и предвремена реализација на капиталните инвестиции за годините однапред. Но, за жал, тоа ние не го гледаме.
Вчера ја добив реализацијата на Буџетот за 2020 година и еве ексклузивно за НетПрес ќе кажам дека реализацијата на капиталните инвестиции е не повеќе од 250 милиони евра, иако беше планирана да биде четврт на почетокот на оној примарен Буџет кој беше формиран во 2019 година. Не само што не успеаа да ги реализираат капиталните инвестиции, туку истите тие успеаа да ги намалат на ниво од 60-ина проценти. А што значи не реализацијата на капиталните инвестиции. Тоа значи помалку пари во оптек и помалку плата за вработените во компаниите кои што практично очекуваат овие пари да бидат завртени во економијата. Ако државата парите коишто ги предвидува за капитални инвестиции не ги врати назад кон економијата, тогаш вие не можете да очекувате дека економијата ќе излезе брзо од сето ова што нам ни се случува.
За уште еднаш да потврдиме колку е глупава економската политика на оваа влада, ќе се повикам на изјавата на Фатмир Бесими, министерот за финансии кој рече: Ако не беше помошта и задолжувањето, тогаш падот на бруто домашниот производ наместо 5.9 проценти ќе беше 1.2 проценти. Е сега што би значело ова во пари. Власта успеа да спаси 100 милиони евра, но затоа пак ја задолжија државата со 900 милиони. Ако ја видите завршната сметка на Буџетот од 2020 година ќе видите дека буџетскиот дефицит е речиси 54 милијарди денари или тоа е еднакво на 900 милиони евра. Што значи успеавме да спасиме 100 милиони, затоа позајмивме 900 милиони. Но, тие пари не ги враќа Фатмир Бесими или Заев, ќе ги враќаме ние – граѓаните. И затоа граѓаните се сѐ посиромашни, а политичарите се сѐ побогати. Затоа граѓаните се помалку уживаат во привилегиите на животот, но политичарите во власта уживаат се повеќе. Ете таа е нивната политика.
И каде нѐ задолжија со тие 900 милиони? Па нормално, за картички за избори, поткуп за избори и така натака. Јас да имам ваков студент и да ми дојде на испит би му рекол слушај колега не само што не сте ја совладале материјата, туку и не знам како и сте стигнале до оваа година за да го полагате овој испит. Тие луѓе едноставно не можат да се справат со ова. Таков е начинот на функционирање на економската политика на СДСМ и на оваа влада, без разлика кој е во таа влада. Тие немаат стратегија. Затоа зборувавме и во минатото, а ќе збориме и во иднина. Потребна е интензивна реализација на капиталните инвестиции. Тоа е суштината. Ако ги реализираат капиталните инвестиции па, макар и да ја задолжат државата, тоа ќе значи дека ќе има раст на БДП и поголема ликвидност, повеќе пари.
Повторно ќе го спомнам градежниот сектор. Градежна компанија која однапред обезбедува работа за две или три години, ќе има задоволен менаџмент кое пак, тоа задоволство го пренесува на вработените. Ако е криза ние обезбедивме работа во следните две-три години и бидете спокојни, вашите работни места остануваат сигурни и вашата плата останува сигурна. Што значи, вработените кога ќе дојдат дома купуваат храна, нови обувки за децата и други работи, што значи дека трошат пари. Тие пари понатаму влегуваат во стопанството. Но, ако менаџерите чекаат овој месец дали ќе има или ќе нема плата или чекаат минимална плата како помош од државата, тоа незадоволство го пренесуваат и на вработените. Вработените се загрижени за своите работни места и тие пари малку што ги имаат не ги трошат. Тоа е погрешната политика, политиката на оваа влада и Зоран Заев. И ова не е единствен пример што некоја странска компанија ја напушти Македонија, ние имаме неколку такви компании што потпишаа договори во 2018-та година па, ја напуштија. И овие малку странски инвестиции што се тука се реинвестирана добивка поради странските инвестиции во минатото, но и оние кои беа договорени во времето на други влади. Ќе ја потсетиме јавноста на ТВ дуелот со мене Зоран Заев кажа дека практично ќе донел 3 инвестиции до септември. Еве дојде и јануари каде се тие инвестиции. Абер нема. Единствената инвестиција за кој тој знае е куферчето кое завршува во еден ресторан во југоисточна Македонија. Тоа е единствената инвестиција што овие луѓе ја знаат. А јас и тогаш кажав и денес стојам на тоа, дека следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена ќе донесе најмалку 3 сериозни капитални инвестиции во вредност од повеќе од една милијарда евра. Едната во земјоделието, едната во банкарскиот сектор и едната ќе биде компанија која се занимава со делови во авио индустријата.