Економија 28. јуни 2020. / 14:14

Мицкоски: Ќе ги намалиме даноците, за граѓаните ќе има повеќе пари

Мицкоски: Ќе ги намалиме даноците, за граѓаните ќе има повеќе пари

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува дека уште во првите 100 денови од новата Влада ќе има почнување на голем број од проектите.

Како што вели Мицкоски во интервју за МИА, на почетокот приоритет ќе има вложувањето во образованието, културата и спортот, како и укинување на прогресивниот данок, за што повеќе пари да остануваат и да завршуваат кај граѓаните.

Ќе има многу проекти што во првите сто дена ќе ги реализираме, но прв проект  ќе биде оние три денари акциза што ги донесе СДСМ, веднаш ќе ги конвертираме во  еден денар за спортот, еден денар за културата и еден денар за образованието. Втора работа што ќе направиме веднаш, веднаш безусловно ќе го укинеме прогресивниот данок, а не како што тоа го направи СДСМ со одлагање и ќе го воведеме рамниот данок и веднаш ќе следи негово намалување од десет на девет проценти во 2021 година и понатаму осум проценти во 2022 година. Ќе укинеме многу работи коишто до сега  ги правеше СДСМ како што се непродуктивните трошења, оние буџетски средства коишто во моментот се трошат за партиски вработувања што се тотално непродуктивни и еве тука можеби би го вклучиле ребалансот на буџетот, низа сет на мерки што ќе го тангираат здравството, образованието… – вели Мицкоски.

Тој појаснува дека имаат за цел првите сто дена да бидат динамични.

Како што вели Мицкоски, сакаат првиот впечаток да биде силен, затоа што немате втора шанса за прв впечаток.

Ако вие барате изговори лошо работеа овие три години, па потоа да кажувате еве поради тоа што они лошо работеа ние сега не можеме да ги спроведеме нашите политики – тогаш ќе бидеме исти како нив, ќе бидеме исти како овие 30 години политичко мочуриште. Сакаме да бидеме авангарда, нешто ново, да иновираме и да направиме веднаш робусен чекор уште во првите сто дена. Отприлика ја имаме ситуацијата во рака, што се случува, што се погрешните работи, каде ќе треба да се интервенира, така што еве ќе бидете сведоци на сериозен исчекор – вели Мицкоски.