Последиците од корона кризата, , се одразија негативно и врз трговската размена меѓу нашата земја и странство. Државниот завод за статистика (ДЗС) ги обелодени денеска минусните резултати за првите шест месеци од годинава.
Според нив, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во перидот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 2.705.623 илјади долари и бележи пад од 24 отсто во однос на истиот период од лани.
Притоа, вредноста на увeзената стока во тој период изнесува 3.691.475 илјади долари, што е за 20 отсто помалку во споредба со истиот период од 2019 година. Воедно, трговскиот дефицит во првите 6 месеци од оваа година изнесува 985.852 илјади долари.
Табелата на ДЗС за трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, а во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик и слично.
Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, според вкупниот обем на размената со други земји, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.