Македонија и Србија први во регионот постигнаа договор за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини, изјавија вицепремиерите Кочо Анѓушев и Зорана Михајловиќ, по денешната средба во Белград на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска испостава на граничниот железнички премин Табановце и таквата станица да ја финасираме заеднички и да побараме средстава од Фондот за инвестиции за Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договривме таквиот проект да го почнеме што порано и мислиме дека во 2019 год. ќе можеме да почнеме со градење“, изајви вицепремиерот Анѓушев.
Разговарано е и за инфраструктурните проекти што ги поврзуваат двете земји, при што Анѓушев изјави дека изградбата на Коридорот 10 е веќе завршена во делот на железницата, а кон крајот на април ќе биде пуштена и последната делница од Демир капија до Смоквица.
И Србија е подготвена наместо во 2020-та година според плановите на ЕУ, почетокот на изградбата на заедничкиот премин да започне во текот на идната година- изјави вицепремиерката Михајловиќ, додавајќи дека и во Србија се довршува изградбата на автопатот преку Грделичка Клисура на Коридорот 10.