Економија 13. јули 2020. / 14:19

Корупцијата е рак што го уништува општеството: Македонија масовно погодена

Корупцијата е рак што го уништува општеството: Македонија масовно погодена

Во своите јавни настапи, Папата Франциск многу често зборува за корупцијата и за штетните дејства кои таа ги има на општеството.

Лидерот на Римокатоличката црква за корупцијата вели дека е „Илузија на брзи и лесни добивки – рак којшто го уништува општеството“.

„Постојаното искушение и ракот кој го шири корупцијата се едни од најразвиените болести со кои се соочуваат општествата. Таа предизвикува и етичка и економска штета, а со својата илузија на брзи и лесни пари, во реалноста ги осиромашува сите, ја брише довербата, транспарентноста и интегритетот на целиот систем. Корупцијата го обесхрабрува индивидуалното достоинство и ги крши сите добри и убави идеали. Јавните средства, мора да се чуваат за доброто на сите, особено на сиромашните“, изјави Папата Франциск пред публика од судии, ревизори и административни работници на 18 март во Италија.

Папата особено го потенцира товарот што во едно општество заразено од корупцијата го носат сиромашните. Според него, тие остануваат заглавени низ лавиринтите на институциите и со текот на времето се забораваат што од недостаток на информации или докази, но најчесто затоа што некој на повисока позиција така сака.

Лидерот на Римокатоличката црква вели дека клучот за борба против корупцијата е да не се биде безгласен, бидејќи безгласноста ги зајакнува криминалните организации.

„Ние мораме да зборуваме за тоа, да го осудиме злото и да се обидеме да го разбереме за да ја покажеме нашата решителност да направиме милосрдие за владеење над подлоста – убавината над ништото“, вели папата Франциск.

Таквото објаснување на Папата совршено ја отсликува ситуацијата со криминалот и корупцијата во Македонија.

Земјава според „Индексот за перцепција’ на корупцијата  во 2019 година е пласирана на 106-то место, додека преходната година беше на 93 то место. Транспаренси интернешнал рангира вкупно 180 држави, а Македонија се најде во друштво со земјите на дното со пад од 13 места.

 

Исто така во Македонија нема развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата.

Антикорупциското тело на Советот на Европа – ГРЕКО, во својот годишен извештај објавен минатиот месец оцени дека реформите се подзапрени поради политичките кризи и распуштањето на собранието пред најавените парламентарни избори.

Речиси половина од граѓаните сметаат дека има и има многу корупција на локално ниво. Жителите на Полошкиот регион, етничките Албанци и луѓето на возраст од 30 до 69 години, сметаат дека има многу корупција на општинско ниво, покажа Истражувањето на јавното мислење за перцепцијата на граѓаните за присуството на корупција на локално ниво што ја спроведе НВО Инфоцентарот на крајот на мај, во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД.

Дури 66% од испитаниците сметале дека пријавувањето корупција може да му предизвика проблеми на оној кој пријавил коруптивно однесување, а речиси 60% сметаат дека пријавувањето корупција е однапред изгубена битка бидејќи надлежните институции не се ефикасни во спречувањето и санкционирањето на корупцијата.

Тоа е одличен одраз на вистинската ситуација со корупцијата во Македонија и недовербата во институциите воопшто. Конкретната анкета воедно и покажува дека граѓаните се соочуваат со корупција во секој аспект од животот, а најмногу при вработувањата во општините, јавните претпријатија и установите.