Угостителите во нашите најголеми летни туристички центри Охрид и Струга сметаат дека ќе биде тешко да се работи во условите наметнати со протоколите за отворање на угостителските објекти. Некои од кафулињата и рестораните воопшто денеска и не отворија. Сопствениците за „Алсат“ велат дека со правилникот за работа била направена неправда кон оние кои немаат тераси, па сега не можат ниту да отворат.
Мислам дека овие мерки не се баш добри за нас, но се надеваме дека ќе биде подобро. Струга е туристички град, но со овие мерки малку ќе ни биде тешко бидејки мерките се ригорозни – вели Африм Мема, сопственик на угостителски објект.
Луѓето се среќни што конечно можат да седнат некаде и да се напијат кафе. Пак е со тоа рестрикции, со ограничување. Во моментот капацитетот ни е сведен на третина од претходниот капацитет -објаснува Игор Иванов, кој е менаџер во угостителски објект.
Загубите за угостителските објекти се бројат во десетици илјади евра. Затоа сопствениците бараат инспекциските служби во прво време да бидат потолерантни во однос на почитувањето на мерките.
Дојдовме до отварање на еден почеток на отварање на угостителските објекти, но празвилникот е многу специфичен. Според мене и многу угостители е многу тежок за практикување во овие услови кои ги имаме сега – смета Антонио Наумоски, сопственик на угостителски објект.
Во некои од локалите денеска не се почитуваа препораките за работа. Некои од келнерите и шанкерите не носеа заштитни маски и ракавици, маски не носеа ниту голем број од гостите, а на масите седеа и поголем број лица од дозволеното.