На декларациите залепени на повеќе производи од Грција, на кои го пишува составот на производот, земјата на потекло и увозникот, треба да стои и ознака на земјата каде што ќе се употребува тој производ и на јазикот на кој е напишана декларацијата.
Тој дел од декларацијата, каде што треба да стои кратенката „МК“ како ознака а македонскиот јазик е означен со празно место „( )“. З ваквата појава надлежните молчат.
Тоа не е случај со јазиците на другите земји каде што се извезуваат производите.
Такви се декларациите на пример на сладоледите „кри-кри“, кроасаните „7 дејс“, „бејк ролс“, некои јогурти…
Што сѐ треба да содржи декларацијата на прехранбените производи пишува во Законот за безбедност на храната и Правилникот за начинот на означување на храната и Законот за заштита на потрошувачите.
Во овие закони и правилници пишува дека во Македонија задолжително е секој производ да има декларација на која на македонски јазик треба да го пишува името на храната, списокот на состојки, количеството на одредени состојки или категории на состојки, нето-количество на храната, рок на трајност, или датумот за „употребливо до“…
Во член 23 од Законот за заштита на потрошувачите пишува дека податоците од декларацијата мора да бидат вистинити, јасно видливи и читливи, напишани на македонски јазик и кирилско писмо…
Во случајот со грчките производи на македонскиот пазар, декларациите се преведени на македонски јазик, ама ја нема ознаката (МК) за јазикот, како што тоа го има за другите јазици – GB, FR, AL, BG, SRB…
За ова е надлежен Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.