Економија 26. декември 2019. / 21:30

Извршителите протестираа оти со новиот тарифник ќе заработуваат помалку

Извршителите протестираа оти со новиот тарифник ќе заработуваат помалку

Извршителските канцеларии денеска останаа затворени во знак на протест поради новиот тарифник што го предложи Министерството за правда со кој што им се намалува износот за награда од 1000 на 300 евра.

И покрај притисокот од извршителите, правда не отстапува од измените кои во целост ќе ги објават до крајот на неделава. Покрај намалувањето на висините на наградите, се подготвуваат измени и во Законот за извршување како и отпис на камати и репрограмирање на долговите.

Според последните објавени податоци од Комората на извршители во земјава во 2018 година имало регистирано вкупно 97 извршители – додека во 2017 нивниот број изнесувал 101 извршител. Минатата година извршителските канцеларии примиле вкупно 112.250 барања за извршување, од кои завршени биле 62.515 предмети, при што наплатени биле речиси 127 милиони евра.

Наспороти барањето на извршителите – граѓаните од иницијативата „Стоп за извршители“ потегот на Владата за намалување на тарифата го поздравија – но од работата на извршителите и натаму се незадоволни. Својот револт секој вторник го изразуваат пред ресорното министерство – бараат ветинг и за извршители, но и ревизија на целиот процес на наплата.