Во интервју за „Економски Лидер”, министерот без ресор Зоран Шапуриќ зборува за закрепнувањето на економијата, порастот на извозот, потрошувачката и порастот на индустриското производство. Оваа Влада за прв пат донесе Закон за финансиска поддршка на инвестиции, кој е од суштинско значење за домашните компании. Очекува во наредната година пораст на инвестициите и на домашни и на странските, но и на продуктивните капитални инвестиции. Интезивирање на евроатланските процеси влијае и во иднина уште повеќе ќе влијае на подобрување на бизнис климата во Македонија, смета Шапуриќ.
Зоран Шапуриќ е министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија. Зад себе има богата политичка кариера, како пратеник во Законодавниот дом, министер за животна средина и просторно планирање, има положено правосуден и нотарски испит, и е редовен професор.
Политичката криза ја проектираше и економската. Година и половина сте на чело на министерството кое требаше да ја подобри инвестициската клима за домашните претепријатија. Какви резултати оставивте зад себе во изминатиов период? Колку претпријатија изминатава година почнаа свој бизнис во земјава?
– Македонската економија е во фаза на постепена стабилизација, по политичката криза која кулминираше во периодот од 2015 година до јуни 2017 година. Ивозот бележи значителен пораст, потрошувачката постепено се зголемува, индустриското производство бележи перменентен пораст, па така во првата половина на оваа година тоа поголемо за 6% споредено со истиот период мината година, а за период од една година странските инвестции достигнаа околу 340 милиони евра. Овие индикатори влеваат оптимизам за натамошна иднина на нашата економија.
Мерките за економски раст на владата се транспарентно објавени. Јас интезивно работев на изеденачување на условите за инвестирање на домашните инвеститори со странските инвеститори, како и на креирање на мерките за економски раст. Активно учествував во изготвување и донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како и во негова презентација пред домашните компании и сега во на имплементација на мерките од законот. Инаку со овој Закон се предвидуваат мерки за поддршка во основни три столба.
Првиот столб предвидува финансиска поддршка за инвестиции, вториот за креирање на работни места со плати повисоки од 18.000 денари , а третиот столб се реализира преку во Фондот за иновации и технолошки развој. Владата работи тимски и јас сум делот од економскиот тим.
Досега посетив и разговарав со преку 150 компании, прететежно производни компании. Овие средби не беа само заради промоција на мерките туку и заради осознавање на нивните релани проблеми и потреби. Исто така, остварив преку 40 средби со поранешни стечајни работници и како резултат од тие средби, согледувајќи ја оправданоста на нивните барања, иницирав меѓу првите, измена и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост. Со овие измени се отстрани пречката предвидена во дотогаш важечкиот закон, поранешните стечајни работници од претпријатија, кои пред трансформација беа во доминантна држававна сопственост, а кои по т.н. своја вина/волја, прифатија да работат во тие трансформирани компании да добиваат надомест, согласно условите предвидени во законот, се до нивното пензионирање. Така, со овие измени на законот, околу 8.000 поранешни стечајни работници ќе добиваат до нивното пензионирање надомест во висина од 70% од минималната плата, што во моментов изнесува околу 7.800 денари.
Понатаму го иницирав проектот субвенциониран студентски оброк, кој ќе придонесе за унапредување на студентски стандард, но и за развој на домашната економија, по примерот на Словенија, каде 400 угостителски објекти се опфатени со овој проект благодарејќи на овој проект околу 150 угостителски објекти се ,,спасени” од банкрот. Бев раководител на работна група, која изготви драфт на закон и два подзаконски акти, поврзани со субвенционирање на овој студентски оброк. На почетокот на следната година Министерството за образование и наука треба да достави и официјален предлог Закон до Владата, кој потоа треба да влезе во собраниска процедура. Очекувам дека од крајот на следната година проектот ќе отпочне со практично да се реализира.
Организирав во соработка со стопанските комори, две посети на раководството на Светската организација на инвеститори на тн. бизнис ангели. Организирани се три расправи поврзани со овој проект, на кои покрај бизнис секторот ги повикав и претставниците на МАНУ, претставниците на науката, експертите, како и субјектите кои досега имале активности во оваа сфера. Во светот годишно преку оваа форма на инвестирање се инвестираат годишно околу 50 милијарди евра, кај нас помалку од 30.000 евра годишно.
Оваа форма на инвестирање во иднина може да биде голем потенцијал за македонската економија. Се разбира, за зголемување на интересот за ваквото инвестирање е потребна комплексна измена на регулатива, на што во соработка со бизнис секторот и експертите, ќе работам, заедно со мојот кабинет.
Во поддршка на домашните инвеститори имам занчителна улога. Сега со мојот мал кабинет работиме на исплата на средства на дваесет домашни компании, со кои во името на владата, потпишав договори, како и на исплата на финансиска поддршка на две странски копмании, согласно реализација на договорите потпишани во претходниот период. Се работи за последна проверка на мошне обемната документација на овие компании, документацијата на секоја компанија е класифицирана во 10 до 25 регистратори, зависно од големината на компанијата и видот и обемот на апликациите за финансиската поддршка. Се работи за огромен број на влезни и излезни фактури, изводи од завршни сметки, ревизорски извештаји, увозни царински декларации, сертифкати, како и бројна друга документација на овие компании, што навистина бара обемна и огромна работа.
Иницирав измени на законска регулатива за намалување на казни за прекршоци на стопанските субјекти. Државната поддршката за малите и средни претпријатија, кои вработуваат повеќе од 70 % вработени во економскиот сектор, во 2018 година е зголемена е за седум пати во однос на претходната година. Во тоа имам и јас своевиден придонес. Тоа е и стратешка определба на Либералано демократската партија, од која потекнувам и која е дел од владеачката коалицијата. Имам и бројни други активности, на кои работам со мојот кабинет, но за тоа во друга прилика. Морам да нагласам дека сето ова го работам со двајца кабинетски службеници, технички секретар и 2 државни службеници, кои работеа и во кабинетитите на поранешните министри. Еве и на овие ваши писмено поставените прашања, одговорам исто така лично. Сведоци сте дека се одзивам на покана на секој медиум, без разлика каква е сопственичка стуктура и какава е уредувачката политика. Со јавноста сум во постојана комуникација, секоја компанија која барала прием била примена во најкус можен период. Во поглед на делот од вашето прашање, колку нови компании се отворени, тоа е жива материја и промена на податоците може да се види на веб страницата на Централниот регистар, како и во извештајот на Државниот завод за статистика за 2018 година, кој се публикува во првата половина на наредната година, но во оваа прилика би го истакнал фактот дека со подршката на ,, start up,,компани во процес на отварање се 80 нови мали компании.
Македонските граѓани и бизнисмени минатата година инвестирале речиси една милијарда евра во основни средства, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Иако бројките се на страна на домашните инвеститори, сепак мислењето во јавноста е дека на власта поомилени и се странците. Факт е дека домашните и старанските инвеститори имаа различен третман. Донесовте Закон за финансиска поддршка. Колку и како со ова им олеснивте на домашните инвеститори?
– Досега, во изминатите десет години финансиската поддршка на државата беше наменета исклучиво за странски инвеститори. За прв пат во рамките на планот за економски раст е предвидена и финансиска подршка за домашните инвеститори. Ова е историска новина. Но се разбира странските инвеститори се и натаму во фокусот на интересот на владата и како што реков има перманентен раст на странски инвестици. И тоа, без скапи роуд шоуа, скапи реклами, промотори …. Висината на странските инвестиции за една година изнесува над 350 милиони долари. Исто така, договорите со странските инвеститори потпишани од претходната влада ќе се почитуваат во целост и од оваа влада , согласно принципите на домашното право и на меѓународното комерцијално право за време на нивното важење. Во мај оваа година, е донесен Законот за финансиска подршка на инвестиции, со кој покрај за странските инвеститори се обезбедува поддршка и за домашните инвестции. Со овој Закон се овозможува финасиска поддршка за инвестиции во опрема и машини, во хали и инфраструктура, во нови технологии, за учество на меѓународни саеми, трошоци за сертификати и други документи, за освојување на нови пазари, за зголемување на конкуретност, за отварање на истражувачки развојни центри и лабаратории и за отварање на нови работни места со плата поголема од 18.000 денари. Согласно со овој Закон деведест производни компании се здобија со право во наредниот период од пет години, да добиваат финансиска поддршка за една или повеќе мерки и со нив се потпишани договори за финсиска подршка. Овие компании имаа значителни инвестиции и реализираа преку 1.000 нови работни места.Околу осумдест отсто од овие компании се мали и средни компании, кои пак, се основен столб на нашата економија.
Основен предуслов за добивање на финансиска поддшка на компаниите да имаат раст, во просек гледан низ призма на претходните три години и да немаат намалување на бројот на вработените во последните три години.
Имате ли податок дали и колку пари се исплатени како државна помош со Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се пропишаа прецизни критериуми за давање државна помош на компаниите без оглед на потеклото на капиталот, односно и за домашни и за странски инвеститори подеднакво?
– По аплицирања и одобрувања на државната помош, како што реков се потпишани договори со овие компании и сега тие поднесоа, или ќе поднесат заедно со пропратна документација апликации за конечна исплата на оваа помош, за која што ќе се врши проверка и детална обработка од овластените министри, меѓу кои сум и јас кои ги потпишаа договорите, а потоа ќе се врши исплата од страна на владата, најдоцна до крајот на декември. Вкупно, како резулатат на Законот за финансиска поддршка, поддршката, не сметајќи ги средствата од Фондот за иновации и технолошки развој, како и подршката по други основи ќе бидат исплатени до крајот на годината околу 10 милиони евра во денарска противредност. Догодина очекувам зголемен интерес на домашните компании за инвестирање и да се зголеми барем двојно оваа сума. Критериумите се јасни и секој оној што инвестирал и ги исполнува законски пропишани критериуми, добива државна помош, што значи исплатата се врши по реализација на инвестицијат, а не однапред. Нема никаква субјективност во законот, нема ниту услов прв дојден прв услужен и дословно о сите производни компании што инвестирале добиваат финасиска подршка. И добро е да има што повеќе инвестиции од домашните компании, пред се во производство во опрема и машини, во нови хали и инфраструктура, во подигање на конкурентност, во изнаоѓање на нови пазари, во истражување во повисико платени работни места. Мала држава, како што е нашата мора да го зглемува сопственото производство, но и да работи на зголемување на извозот , супституција на увозот и подигање на конкретност на нашите производни компании. Владата треба да работи на подобрувањее на бизнис климата и на создавање на регулатива, но се разбира главен фактор на растот се самите компании.
Лично сметам дека вистински ефект од овие мерки за поддршка на инвестции ќе се постигне во наредните две години, особено ако се има предвид дека голем број на македонски производни компании во изминатиот период покажа резерва, па дури и страв од некакви си според нив можни, вонредни инспекци . Се работи, за прв пат на воведување на можноста за поддршка на домашни инвестции и на почетокот на наредната година, ќе се согледаат исксутвата од примената на овој закон и доколку се согледа потребата ќе се извршат измени, дополнувања и допрецизирања на овој закон. Владата е отворена за перманентен дијалог со бизнис заедницата и заедно со бизнис секторот ќе се дефинираат евентуалните измени.
Инаку заедно со оваа подршка, преку подршката од Фондот за иновации, подршката која се реализира преку Агенцијата за вработување, на домашните компании треба да им се исплатат преку 20 милиони евра.Покрај ова и на странските компании им се исплаќа финасиска поддршка согласно заклучените договори со нив.
Дали сте задоволни од извозот на македонските производи на старанскиот пазар? Како може да се промени оваа слика?
– Извозот се зголемува постојано и неговиот пораст е околу 7 % за овој период од годината, во споредба со истиот период минатата. Конечното суминарање ќе се изврши на крајот на годината. Мала држава сме, и како што реков мораме да извезуваме.Улогата на владата е да создава услови за подобра бизнис клима, да гради политики на добра соработка со сите држави и да создава и политичка позитивна клима во меѓународните односи и да ги забрзува процесите на интеграција кон ЕУ и НАТО, но се разбира главен фактор на растот е бизнис секторот. Само како илустрација ќе наведам дека по потпишување на договорот за добрососедсво со Република Бугарија се бележи пораст на надворешно трговската размена за околу 14%.
Владините очекување се дека 2019-тата ќе биде година на економски раст. ММФ препорача најголем приоритет да биде зголемување на продуктивноста, преку обезбедување на ефикасни институции и развој на нови вештини и знаења. Потребна ли е промена во досегашнаат регулатива се со цел подобрување и стимулирање на домашните инвестиции во погони за производство?
– Во наредната година се очекува пораст на инвестиции и на домашни и на странските, но и на продуктивните капитални инвестиции. Оваа година индустриското производатво бележи пораст и има значителен придонес во бруто домашниот производ,кој е базиран на реални основи , а не на недоржива градаба и во скапи и непродуктивни проекти како што е Скопје 2014, тн. жални врби, палми, плажи кои веќе ги нема итн. Оваа година сите трендови се позитивни, освен во градежништвото, пред се поради непродолжување на непродуктивни проекти, како што се наведените преоекти Скопје 2014 и слични такви преокти, поради добро познатите проблеми со изградба на патот од Кичево до Охрид, патот кон Штип и други слични инфраструктурни проекти. Наредната година ќе се интезирвира и доврши изградбата на овие и на други инфраструктурни објекти ,како што се патот кон Прилеп, патниот правец кон Радовиш, патот и пругата кон Бугарија и изградба на повеќе државни, регионални и локални патишта, како и на гасификација и инвестиции во енргетскиот сектор.
Регулативата е жива материја, како што кажав, за прв пат се овозможува финансиска поддршка на домашни инвестиции и по согледување на искуствата од реализацијата и имплментација на законот за финасиска поддршка на инвестиции на почеток на наредната година ќе се отпочне со работа со измена на овој закон. Согласно со оглед на генералната определба на владата за перманентен дијалог со бизнис сектор за овие измени ќе се води интерактивен диалог со бизнис секторот. Исто така, ќе се работи на измена на регулативата за намалување на казни за прекршоци за стопански субјекти. За сега само во сферата на царинското работење се намалени прекршоцните казни, претстоји обемна работа на измена на Закот за прекршоци, но и на околу 70 посебни закони. кои ги регулираат одделните области на работата на стопанските субјекти. Исто така , треба да се работи на измена на регулатива која ќе придонесе кон ублажувањена разликите во економскиот развој на разчличните подрачја на државата, односоно да се забрза економскиот раст во помалку развиени општин и подрачја на државата.
Приближувањето кон Европската унија и почеток на преговори по разни поглавја ќе бара натамошна хармонизација на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, во повеќе сфери, меѓу кои и во економската сфера. Треба да го имаме предвид фактот дека регулативата на ЕУ е мошне динамична, па така и нашата регулатива постепено ќе се хармонизира со регулативата на ЕУ.
Дали верувате дека проектираниот економски раст од 3,2 отсто следната година ќе се реализира?
– Во наредната година се очекува пораст на инвестиции и на домашни и на странски, но и на продуктивни капитални инвестиции. Оваа година индустриското производатво бележи раст и има значителен придонес во бруто домашниот производ, кој се темели на реални основи, а не во непродуктивните проекти,како што веќе напоменав. Инвестициците во патната и железничката инфраструктура, во комуналната инфраструктура, во енергетскиот сектор, домашните и странските инвестиции, порастот на потрошувачка, на платите ќе доведе до економски раст поголем од 3 отсто, односно сметам дека проектираниот раст од 3,2 е реален. Сакам да напоменам дека растот треба да е долгорочен и одржлив, а не краткорочен.
Како домашните компании ќе придонесат да реализира економскиот раст?
– Домашните компании секако дека имаат огромна улога во економскиот раст, тие се определени тука трајно да работат и да инвестираат. Странските компании се тука со потпишани договори за државна помош на определен период. Дел од странските компании и по престанок на мерките на финаниска подршка и по престанок на олеснувања за ослободување или намалување на одредени давачки и придонеси ќе заминат, али извесни е дека добардел од овие странски компании, ќе останат во државата и по престанок на овие мерки. Но кога се работи за домашните компании тие се тука и се трајно определени да работат во државата. Кога ќе станеме полноправна земја членка на ЕУ, сигурно е дека ќе важат сосоема други правила за поддршка на индустриско производство. Домашните компани се од витално значење за севкупната економско социјална состојба во државата, нивното значење е многу пошироко. Затоа се определивме за поддршка за инвестиции и за развој на домашните компании.
Но во оваа прилика, нагласувам дека и странските компании имаат реален придонес во економскиот раст и во извозот , особено оние кои имаат поголем бруто девизиен ефект, каде што извозот е многу поголем од увозот на репроматеријали и деловите што се вградуваат во финалните производи . Во секој случај во иднина мора да се стимулира повеќе производство кое доведува до повисока додадена вредност и посовремени технологии, а постепено да се намалува трудо интезивното производставо. Се разбира структурата на економијата, а во делот на ова и структурата на произвдоство не може преку ноќ да се промени. За тоа се потребни долгорочни мерки и активности и на државата и на бизнис секторот.
Дали влезот на Македонија во Европското семејство ќе ја подобри инвестициската клима?
– Земјата се враќа на патот на побрза интеграција кон ЕУ. За мала држава, како што е нашата, полноправно членство на ЕУ семејството, од 510 милиони жители, носи големи економски и други бенефити. Целосно се отвара големиот европски пазар, но и пазарите на многу земји кои имаат спогодби со ЕУ за слободна трговија. Интезивирање на евроатланските процеси влијае и во иднина уште повеќе ќе влијае на подобрување на бизнис климата во Македонија. Покрај членството во ЕУ, многу е битно и членството во НАТО. Република Македонија е членка на Партнерство за мир, што се смета за предворје на НАТО, од далечната 1995 година. Во тоа време таков статус немаа државите како што се Бугарија, Романија, Албанија, Хрватска, а Црна Гора не беше самостојана држава. Сега сите овие земји се членки на НАТО. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и од тогаш стагнира на патот кон ЕУ и се уште не ги започнала преговорите со ЕУ. Романија и Бугарија се членки на ЕУ од 2007 година, Хрватска од 2013 година, а Црна гора отвори преку 20 поглавја во преговорите, при што 6 поглавја се затворени или се наоѓаат пред затворање. Србија исто така, ги започна преговорите со ЕУ. Зошто е битно ова да се потенцира? Доволно е да видиме што се случи во с овие земји, какви промени имаат во своите економии, какви позитивни трендови се случуваат во бизнис климата на овие земји , колкав е порастот на платите, на домашните и на странските инвестиции. Нашето приближување кон ЕУ и НАТО, ќе влијаат мошне поволно на стабилноста и растот на инвестциите и на севкупната економија. Да се биде дел од единствениот пазар на ЕУ и да с можне да се извезува, без било какви лимити е голема придобивка, особено за мала држава , која мора пласманот на своето производство да го бара во извозот. Се разбира голем бенефит за македонските комании ќе биде поголема можност за користење на сите видови на средства од ЕУ.
Сметате ли дека е оправдано постоењето на Министерството кое Вие го водите?
– Јас сум министер без ресор кој е задолжен за регулатива за подобрување на бизнис клима. Се разбира владата работи тимски и веќе ги наведов дел од моите активности во одговорите на претходните прашања. Сметам дека не е нескромно ако кажам дека располагам со големо, не само политичко туку и професионално, експертско и научно искуство, како и со прилично големо образвание, покрај додипломските, магистерските и докторските студии, имам положено и правосуден и нотраски испит, имам низа специјалицации, меѓу кои и специјализација на прво рангираниот универзитет во светот Харвард. Учесник сум како експерт и консултант во бројни интердисциплинарни проекти во земјата и во странство.
Реализаран сум и докажан во повеќе животни области, имам наставно научно звање редовен професор, авотор и коавтор сум на преку 40 стручни и научни трудови индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, меѓу кои и во најпрестижната светска научна база ,,Web of science”. Имам работено и во правосудството и во областа на надворешна трговија. Имам не само теортетско туку и практично искуство.
По природа сум опертивена и одговорна личност, сфатете го ова како сакате и оценете сами. Како што можете да видите редовно ја информирам јавноста за мојата работа. Покрај тоа јас како и сите други министри поднесуваат и шестомесечни извештаји за работа кои јавно се објавуваат и во кои се изнесени главни поенти на делување на сите министри, па и и од тоа може да се оцени моето работење. Сето мое искуство и капацитети и потенцијали ги ставив на располагање на владата, јавноста е таа која ќе го цени моето работење, лично мислам дека досега го оправдав моето учество во влдата, и постоење на функцијата која ја обавувам.