Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во интервју за Лидер говори како ќе се наменат 118 милиони евра од буџетот во неговиот ресор. До крајов на годинава ќе се реобнови железничкиот правец Битола-Кременица, што ќе биде уште едно спојување со Солунското пристаниште.
Пругата пак кон Бугарија, очекува да финишира за околу 6 години. За автопатот Кичево-Охрид уверува дека се работи со добра динамика и оваа делница ќе биде готова за 2 години. Најавува дека од следната година македонските граѓани ќе имаат можност да летаат кон нови европски дестинации по евтини цени на авиобилетите.
Горан Сугарески својата политичка кариера ја започнува пред 18 години како советник од СДСМ во општина Прилеп. Во 2008-та работел како комунален инспектор. Во периодот од 2008 до 2016 година бил пратеник во Собрание на Република Македонија. Од 2013 до 2015 година бил заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ, а потоа станал и координатор до 2016 година
Од пратенички клупи до министерска фотеља. Како народен претставник и координатор на СДСМ жестоко ги критикувавте проектите на тогашната власт, сега сте предводник на едно од најсуштинското министерство, Министерството за транспорт и врски. Од позиција на опозиција , дали сте задоволен од работата која сега ја извршувате?
Функцијата пратеник е неспоива со функцијата министер. Но многу ми помогна да ги согледам сите проблеми во инфраструктурните проекти што се реализираа тогаш и да се запознаам со реалните потреби на граѓаните. Како министер, заедно со вработените во Министерството за транспорт и врски, целосно сме посветени на реализација на проектите што се предвидени со Владината програма. Наш приоритет е да создадеме услови за економски раст на државата и подобар живот на сите граѓани. Затоа максимално сме посветени на изградба и модернизација на патната инфраструктура, подобрување на комуналната мрежа во населените места, изградба и рехабилитација на железницата и гасификација на компаниите и домаќинствата. Морам да нагласам дека со оглед на состојбите што ги затекнавме со проектите, задоволен сум како изминатиот период се одвиваа градежните работи на терен. Резултатите од нашата работа се веќе видливи, а со оглед на тоа дека во нашиот буџет за 2019 година има повеќе пари наменети за капитални проекти, очекувам градежните работи да се засилат следната година.
Автопатот Кичево-Охрид, сеуште е само мисловна именка. Во Собранието се усвои анексот на договорот. Што ќе значи тоа, колку ќе се заштедат пари за изградбата, до кога се очекува да биде готов? Зошто е отежнато патувањето и за нас и за туристите да стигнат до Охрид?
Како прво сакам да Ве корегирам, автопатот Кичево –Охрид не е мисловна именка. Тоа беше така пред да дојдеме на власт. Откако ја презедовме власта секојденевно и макотрпно ги решававме проблемите што ги наследивме и тоа веќе сме го потенцирале многу пати. Значи, се соочивме со проблеми на целата траса, во тунелот, со свлечиштата на трасата, со непостоење на клучки и алтернативни патишта и слаба реализација на проектот. Тоа што сега е најважно е што изнајдовме конкретно решение за да го доизградиме овој автопат. Иамвме две решенија: или да го оставиме патот во оваа состојба како што е и граѓаните да го вратат целиот кредит од 411 милиони евра, без да имаат автопат, или пак да продолжиме да го градиме автопатот и да земеме дополнителен заем. Сметавме, и се уште стоиме на тоа дека граѓаните имаат потреба и заслужуваат да го имаат овој автопат и проектот мора да се реализира. Исто така што е многу важно е дека успеавме да постигнеме договор со Изведувачот и утврдивме многу пониски цени на градежните материјали, со што успеавме да заштедиме преку 80 милиони евра. Сепак, и со овие заштеди, за жал автопатот ќе не чини околу 600 милиони евра. Според договорот очекуваме тој да биде завршен до јуни 2021 година.
По трет пат се објавува јавен повик за субвенционирање на евтини летови. Дали овој пат конечно ќе се потврди кој ќе биде новиот авио превозник? Што беше спорно во претходните повици, зошто пропаднаа?
Очекуваме за неколку дена да биде распишан третиот јавен повик за финасиска поддршка на авиокомпании. Се надеваме дека овој пат ќе биде успешен и веќе од следната година македонските граѓани ќе имаат можност да летаат кон нови европски дестинации по евтини цени на авиобилетите. Во однос на двата повици, доставената документација не одговараше на условите и кретириумите предвидени во јавните повици. Поради тоа, независната комисија преопорача поништување на јавните повици. Оптимисти сме и очекуваме дека тоа што е стратешка определба на Владата, а тоа е развој на авиосообраќајот во Република Македонија, ќе го исполниме.
Дали има најава за нови директни летови и воспоставување на контатк со други европски центри?
Континуирано преговараме со заинтересирани авиокомпании за воспоставување на нови дестинации. Пред една недела се воспостави нов директен лет од Скопје до Атина. Исто така воведовме и нов лет од Охрид до Виена, а пред неколку месеци се отвори и уште една линија од Скопје кон Истанбул. Ова е наша програмска определба и како таква и во наредниот период ќе ја реализираме се со цел да овозможиме поширока мрежа на дестинации за нашите граѓни.
Најавивте финализација на пругата Битола-Кременица до крајот на месецов. Ќе се остварат ли плановите и што ќе значи реализацијата на оваа пруга за Пелагонискиот регион?
Точно. Очекуваме пругата да биде завршена оваа година. После неколку децении повторно ќе се реобнови овој железнички правец. Изградбата на оваа пруга значи уште еден алтернативен пат до Солунското пристаниште. Тоа ќе овозможи олеснет и поевтин транспорт за компаниите од Пелагонискиот регион и индустриската зона Жабени. Имајќи предвид дека овој правец е дел од Пан-европскиот Коридор 10, нашата цел е да создадеме функционален Коридор што ќе овозможи брз превоз на стоки и патници и економски развој на Пелагонскиот регион.
Заглави проектот за изградба на пругата од Бељаковце-Крива Паланка, Крива Паланка-Бугарска Граница. Таа се гради со пари од европски фондови, по што Македонија доби и жолт картон и предупредување за повлекување на парите. До каде е тој проект? До кога ќе можеме железнички да се поврземе со соседна Бугарија?
Не се согласувам со Вашата констатација дека проектот на овие две делници е заглавен, ниту сме добиле жолт картон за користење на европски пари, ниту пак има таква најава. Со Меморандумот што го потпишавме со Владата на Република Бугарија заеднички утврдивме конкретни рокови за доизградба на оваа пруга. Сакам да потенцирам дека тендерот за изградба на делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во тек, заврши првата фаза на претквалификација на компаниите. За изградба на оваа делница веќе се обезбедени 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра грант неповратни средства од Европската Унија и 75 милиони евра од заем од Европската банка за обнова и развој. Во однос на делницата од Крива Паланка до бугарска граница, веќе изготвивме проект и обезбедивме неповратни средства од Европската Унија во висина од 60 милиони евра. Согласно Меморандумот пругата од македонска страна очекуваме да биде комплетно завршена до 2025 година, а од бугарска страна до 2027 година.
Во изборната програма ветивте дек за 10 години испланирани се 3 милијарди евра за патната инфраструктура. Или за 10 години нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта. Со каква динамика се одвива ова, со оглед дека Македонија не е претворена во едно големо градилиште?
Не се согласувам со вашата констатција. Било каде да се движите низ Република Македонија ќе забележите дека се гради насекаде, во секој регион. Завршивме проекти, секако дел што ги наследивме, во вредност од 230 милиони евра. Токму во моментов се реализираат проекти во висина од преку 800 милиони евра за изградба и реконструкција на преку 290 километри патна мрежа, што е историски највисока инвестиција во изградба и реконструкција на патната инфраструктура во Македонија.
Интензивно се работи на двата автопати, Миладиновце – Штип ќе го завршиме оваа година. Само во рок од неколку месеци започнавме со изградба на 3 нови експресни патишта, а во тек се градежни работи за реконструкција и санација на повеќе регионални патишта. Ги завршивме предвидените рехабилитации со Македонија пат, така да низ цела држава се случува една градежна офанзива и очекуваме вака да продолжи се додека временските услови тоа го дозволуваат.
Очекувам кон крајот на овој месец да започнеме со рехабилитација на 12 патни правци со заем од Светска банка во вредност од 14 милиони евра. Исто така, до крај на овој месец ќе се распише тендер за реконструкција на 7 патни правци со вкупна должина од околу 100 километри.
Во делот на локалните патишта во фаза сме на преговори со Светска банка со цел да обезбедиме заем од околу 70 милион евра за изградба и реконструкција на локални патишта. Ова е сообено значајна мерка со која многу ќе им помогнеме на општините да ја подобрат локалната патна мрежа.
Реализацијата на сите овие проекти ќе биде значајна за подобрување на целокупната патна инфраструктура во Република Македонија.
Финасии го презентираше буџетот за 2019-та година. Што предвидува тој во делот на транспортот и врските? Колку пари се одвојуваат и кои капитални проекти се предвидени за реализација?
Пред неколку дена на Седница на Влада, а по предлог на Минситерство на финансии го усвоивме Предлог Буџетот за 2019 година. Вкупниот буџет на Министерството за транспорт и врски за 2019 година изнесува преку 118 милиони евра од кои околу 104 милиони евра се наменети за капитални проекти. За следната година најмногу пари од буџетот на нашето министерство се предвидени во изградба на Железницата на Коридор 8, ќе продолжиме со процесот на гасификација на Република Македонија, а исто така голем дел од буџетските средства ќе ги алоцираме за изградба и реконструкција на канализациони и водоводни мрежи во населените места. На крај сакам да потенцирам дека овој буџет е граѓански буџет, скроен според потребите на граѓаните, за раст на градежништвото и севкупен економски развој на Реублика Македонија.