Денеска во Министерството за здравство пристигнаа 3.000 од вкупно 13.000 брзи тестови за ковид-19 кои ќе бидат бесплатни за граѓаните, а се донација од две компании, Gulf Oil и Гранит.
Се работи за најнова технологија, со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот ковид-19.
„Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13-те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат за да се утврди дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19“, велат од Министерството за здравство.
Компанијата активно учествува во борбата против ковид-19 уште од самиот почеток на пандемијата, додаваат од Гулф Оил, и велат ќе продолжи да помага на граѓаните онаму каде што е најпотребно.
„Веруваме дека со брзите тестови кои ги донираме ќе се намали периодот на чекање и ќе им овозможи на здравствените работници побрзо да реагираат и да ги третираат пациентите. Се надеваме дека ќе се појават уште компании како Гранит кои ќе се приклучат на нашето проактивно делување“, велат од менаџментот на компанијата Gulf Oil.