Цели 10 дена нема одговор од Министерството за Здравство, на прашањето упатено од Економски Лидер, во кое прашуваме: Во која компанија министерот Венко Филипче поседува акции?
До нашата редакција стигна непотвдена информација дека Филипче поседува акции во една наша позната веледрогерија, која што редовно добива тендери од државата. Доколку оваа информација е точна, јасно е дека станува збор за директен конфликт на интереси кој би требало да биде третиран од Антикорупциската комисија.
Во анкетниот лист објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупција, стои дека Филипче од 2008 година поседува 458 акции во некоја наша компанија. Но, министерот го скрил називот на компанијата во која поседува акции.
На 13ти месецов, Економски Лидер стапи во контакт со службата за односи со јавноста на министерот, каде што сакавме да прашаме за која компанија се работи и дали истата добива државни тендери. Не замолија да испратиме официјален меил, а откако го сторивме истото – цели 10 дена нема никаков одговор.
Молкот од кабинетот на министерот Филипче, отвора сомнеж дека се работи за сериозен скандал, затоа што, тој и неговиот кабинет имаат некаква потреба да го кријат називот на Акционерското друштво во кое тој поседува акции.
Од друга страна, податоците за тоа кој поседува акции во едно акционерско друштво се тајни и не може да се добијат од Централниот депозитар за хартии од вредност.