Економија 29. јуни 2018. / 13:49

Еуроникел ја спасува пехчевската фабрика од затворање

Еуроникел ја спасува пехчевската фабрика од затворање

Нова Рефрактори беше еден од најголемите снабдувачи со огноотпорни материјали во регионот, дојде до работ на банкрот и со повторното производството на Фени Индустри, компанијата е спасена и продолжи со редовни испораки на своите производи.

Рестартирањето на производството на ФЕНИ Индустри добива се поголемо значење со тоа што неговата работа позитивно се одразува и на други компании и општини. Една од компаниите што можеше да оди во пропаст заедно со Фени Индустри, но се спаси и повторно со Фени почнува профитабилно да работи е Нова Рефрактори, производител на огноотпорни материјали лоцирана во Пехчево.

НОВА Рефрактори официјално со производство започна во 2014 година и оттогаш па до денес се позиционираше како еден од најголемите снабдувачи со огноотпорни материјали во регионот. Имплементирајќи високи производни стандарди и воведувајќи интегрирана еколошка дозвола, единствена во Пехчево, помогна за брзо време да се етаблира во реномирана и просперитетна локална компанија.

НОВА Рефрактори беше во состав на Cunico Resources, групацијата која беше доминантен сопственик со 49% преку својата компанија ФЕНИ Индустри. Во периодот 2014/2015 година кога Кунико беше во сопственост на ИМР и БСГ, НОВА Рефрактори бележеше зголемување на производството а беше започнат и инвестициски циклус за ревитализација на постоечката опрема. Во тој период НОВА Рефрактори го достигнува максималниот број од 130 вработени.

Кога, на почетокот на 2016 година Кунико Групацијата претрпува промена во акционерската структура и ИМР станува доминантен акционер со 90%, започнува проблематичниот период за НОВА Рефрактори од аспект на крајно игнорантски и несериозен однос од страна на доминантниот сопственик кон својата сопствена компанија. Во периодот 2016/2017 година НОВА Рефрактори вршеше континуирана испорака на огноотпорни материјали во двете топилници за фероникел во сопственост на Кунико, ФЕНИ Индустри и Фероникели-Косово и не дозволи во ниеден момент процесот на производство во овие две топилници да биде доведен во прашање. За возврат, долгот што овие две топилници го имаа кон НОВА Рефрактори континуирано растеше и во ноември 2016 година надмина износ од 1.000.000,00 ЕУР. НОВА Рефрактори сепак продолжи со редовна испорака на огноотпорни материјали во двете топилници. И покрај сите обиди за наплата на долгот од компанијата мајка, истиот и понатаму се зголемуваше и во јуни 2017 година го достигна својот максимум со износ од 1.500.000,00 ЕУР. Во периодот септември/октомври истата година ФЕНИ Индустри запира со работа, следи блокада на сметката и стечајната постапка. Во тој период и топилницата Фероникели-Косово ги прекинува сите порачки за огноотпорни материјали со што НОВА Рефрактори ги губи своите два најголеми купувачи со количина од цца 10.000 тони годишно, а со тоа иднината на оваа пехчевска фабрика станува целосно неизвесна. Во истиот тој период долгот од овие топилници кон НОВА Рефрактори изнесува 1.200.000,00 ЕУР.

Во март, 2018 година беше рестартирано производството во ФЕНИ Индустри од страна на инвеститорот ГСОЛ преку својата подружница Еуроникел. Ова значеше позитивен импулс за НОВА Рефрактори заради фактот што Еуроникел ги исплати заостанатите долгови на Нова Рефрактори и ги обнови комерцијалните односи, а НОВА Рефрактори започна со редовни испораки на огноотпорни материјали на ФЕНИ Индустри.

Еуроникел во контактите со менаџментот на НОВА Рефрактори изрази заинтересираност за влез во акционерската структура на компанијата. Доколку ова се оствари, ќе има огромно значење за развојот на самата компанија и креирање на нови работни места како и големо значење за Пехчево од аспект на развојот на економијата.

Во моментов, НОВА Рефрактори има 105 вработени што претставува значајна бројка за градот Пехчево и околината. Случајот на НОВА Рефрактори и повторното воспоставување на деловни партнерски релации е значајно и за локалната економија и воопшто за градот Пехчево.