Веќе никој не го дели владиниот оптимизам дека годинава ќе се оствари економски раст од 2,8 %. По надолните корекции што ги направија домашните и меѓународните институции, денеска и Европската банка за обнова и развој ги спушти очекувањата од 2,5 % на 2 % раст. Завршувањето на политичката криза во земјата треба да помогне во враќање на довербата во економијата, но економските реформи мора да се забрзаат напиша ЕБОР.
-Потребни се мерки за промовирање на вклученоста на приватниот сектор во инфраструктурата.Владата треба да ја ревидира легислативата за концесии и јавно-приватни партнерства за поттикнување на вклученоста на приватниот сектор во транспортот и енергетскиот сектор – се вели во извештајот на ЕБОР.
Според проекцијата на Централната банка, растот на БДП годинава ќе биде 2,3 %, но ризиците се отворени и тие во најголема мера се условени од инвестициите. Владата пак уверува дека капиталните проекти значително ќе забрзаат и дека може да се оствари раст кој е движен од приватниот сектор.
-Има деловен амбиент во кој и приватниот сектор може да остварува раст а со вакви проекти ќе очекуваме проекциите и на НБРМ и на Министерството за финансии дека во 2019 ќе забрзаат- тврди министерот Тевдовски.
Институтот „Фајненс Тинк“ уште во јуни излезе со очекувања дека еконмскиот раст годинва ќе биде 2,2 %.Годинава економијата беше голтната од политиката, но време е таа да се стави во прв план за да можат граѓаните во 2019 тоа да го почувствуваат врз својот животен стандард
Со затворање на прашањето за ЕУ и НАТО интеграциите, и фактот што нема да има избори, очекувам во следните месеци во фокус да биде економијата, да се реализираат планираните проекти, а следната година да стартува со подготвен план и визија каде сакаме да стигнеме во 2019, вели Благица Петрески од Фајненс Тинк“.
Наспроти очекувањата на ММФ дека македонската економија годинава ќе достигне раст од 1,6%, а Светска Банка 2,5 % владата ги спушти своите очекувања од 3,2 на 2,8%.