Економија 18. декември 2018. / 20:02

Државата ќе им ги враќа парите на земјоделците што ги дале за камати

Државата ќе им ги враќа парите на земјоделците што ги дале за камати

Земјоделците ќе си ги добијат назад парите што ги дале за камати. Поддршката се однесува на оние кои зеле кредит од домашните банки и штедилници за да ивестираат, а потоа добиле поддршка преку ИПАРД програмата. 50 до 70 отсто од каматата ќе добијат сите земјоделци и фирми кои инвестирале по 25 декември 2016. Единствени услови се каматата да не надминува 8 проценти на годишно ниво, а кредитот да е до половина милион евра.

-Станува збор за кредити кои што се во времетрање од 10 години. А средствата, односно кредитот е подигнат за реализација на проект кој што е добиен преку ИПАРД програмата. Тоа се наменски средства. Со нив на еден начин сакаме да им помогнеме на нашите стопанственици, изјави директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Парите кои што се враќаат се од државниот буџет. Но, според директорот Бабовски, се поттик за стопанството да користи пари од ИПАРД.

Сите оние барања кои што до 18.01 преку електронската апликација ќе пристигнат до Агенцијата ние ги сметаме за валидни. И сите ќе бидат разгледани. А оние барања кои што ќе се достават преку Архива, за жал не ќе можеме да ги земем во обѕир и тие да се разгледаат, рече Бабовски.

Парите за оваа мерка се ограничени. Поради тоа ќе се применува системот прв дојден – прв услужен.