Економија 07. февруари 2021. / 11:41

Додека тутунарите мака мачат со откупот, Заев најави стратегијата за производство на тутун

Додека тутунарите мака мачат со откупот, Заев најави стратегијата за производство на тутун

На 20 дена пред крајниот рок, кога Иницијативниот одбор на тутунопроизводителите го прогласи овој откуп за најлошо организиран досега, а премиерот Зоран Заев најави дека Усвоена е Стратегијата за производство на тутун 2021-2027.

Заев денеска информираше на својот фејсбук профил дека Стратегијата за производство на тутун за периодот 2021-2027 година заедно со акциониот план е усвоена од страна на Владата на 43-тата седница.

– Меѓу целите на седумгодишната стратегија за производство на тутун се: државната помош на земјоделските стопанства кои се занимаваат со тутунско производство; поддршката на доходот на земјоделските стопанства; политиките за рамномерен и одржлив развој во тутунопроизводните региони и поддршката за формирање на организации на производители, напиша Заев на Фејсбук.

Досега откупени се над 16 илјади од вкупно 23 илјади тони тутун со склучени договори, или 75 проценти од родот. За преземање чекаат и околу 4 илјади тони вишок на тутун, кои компаниите ветија дека ќе го преземат иако нема договори за него.

Производителите се жалат дека наместо да ја зголемуваат, откупните комании ја намалуваат динамиката за преземање на родот, поради што се сомневаат дека откупот ќе заврши во законскиот рок, до крајот на февруари, а не се задоволни ниту од проценките и ниските откупни цени.

Од Иницијативниот одбор побараа во Собранието да се расправа за состојбите со тутунот, средствата од петтиот пакет мерки за тутунарите да бидат по килограм предаден тутун, останува и барањето за 100 денари субвенции за сите класи, а најавија и дека формираат здружение на тутунопроизводителите.