Економија 06. септември 2019. / 09:35

Димитров: Прво субвенционирање на платите, а после да видиме дали ќе се зголеми минималецот

Димитров: Прво субвенционирање на платите, а после да видиме дали ќе се зголеми минималецот

Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, која активно учествува во преговорите со Владата кога станува збор за мерките за платата на работниците, вели дека за зголемувањето на минималецот на околу 16.000 денари треба да се разговара дури откако ќе биде донесен законот за субвенционирање на платите и да се видат ефектите од спроведувањето, пренесе Фактор.

Вели дека со субвенционирање на делот на придонесите, за зголемувањето на платите од 600 до 6.000 денари, со сигурност ќе се зголеми просечната плата во држвата и тоа во голема мера ќе значи легализација на износите што сега газдите им ги исплаќаат во плик на работниците.

– Што се однесува до минималната плата преговорите се уште траат. На последните преговори инсистиравме прво да се донесе законот за субвенционирање на платите да го видиме ефкетот од тоа па дури потоа да се размислува на зголемување на минималната плата. Сигурен сум дека мерката за субвенционирање на платите ќе придонесе за зголемување на просечната плата во државата од повеќе причини. Работодавачите кои даваат дел од платата во кеш за да избегнат придонеси ќе бидат дестимулирани тоа да го прават бидејќи ќе се плаќа само персонален данок и државата ќе ги плаќа придонесите. – изјави Димитров.

Зголемувањето на платите и придонесите ќе напредува и ако се зајакнат контролите на Управата за јавни приходи, но и фактот дека компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила и тоа, како што вели, ќе ги натера да ја зголемат платата доколку сакаат да ги задржат работниците. Додава дека треба да се субвенционира пропорционално и зголемувањето на платата за повеќе од 6.000 денари.

– Тоа ги става сите во позиција на правичност, дали имате плата 20 илјади или 50 илјади денари вие можете да добиете субвенции само за шест илјади денари покачување. Потенцијално кај оние што земат 60.000 плата 6.000 денари се десет посто, а кај оние што земаат 30.000 е двојно повеќе, така што мислам дека тоа не е неопходно. – смета претставникот на здружените работодавачи.