Економија 18. декември 2018. / 15:22

Димитров ќе се слика со фотоапарат од 5.000 евра

Димитров ќе се слика со фотоапарат од 5.000 евра

Во изминатиов период се отворија неколку теми поврзани со министерот за надворешни работи Никола Димитров и работата на министерството кое што тој го предводи. Едната тема беше за владината стипендија од 40.000 евра што во постапка од еден ден ја доби неговата ќерка. Другата тема беше неговиот советник од кабинетот кој спие во работно време со нозете на биро. Деновиве до редакцијата на Магазин стигна информација за една порелаксирана тема во МНР, но сепак не и евтина.

Имено, летово министерството со кое управува Никола Димитров, со цел да го појача тимот за односи со јавноста, решило да купи нов фотоапарат. Изворите на Магазин велат дека за тоа кој модел на модерна фото-камера треба да се набави, сугестија дал Јане Лазевски, познат во твитер круговите како “42“ и како еден од главните стратези на медиумските претставувања на министерот Никола Димитров. Набавката е извршена преку фирмата “Пикс Плус Трејд“ од Скопје, што може да се види и на страната на е-набавки, заверена на 27.07.2018 година. Вкупната цена на набавката на камерата “Канон-ЕОС 5Д“ и потребната опрема, заедно со ДДВ, изнесува 296.375 денари или 4,820 евра. Квалитетен фото-апарат, квалитетен избор, нема збор.

Станува збор за апарат Канон ЕОС 5Д кој е една од најсовремените и најскапите фото-камери денес на пазарот. Најчесто ја користат професионални ПР и маркетинг агенции, фотографи на реномирани модни куќи, но и тиражните весници и таблоиди. Министерот Димитров и неговиот раководен тим сепак најдобро знаат дали еден ваков фото апарат кој вреди 5.000 евра е вистинската потреба за МНР.

Од Магазин ги поставуваат следните дилеми: Прво, дали МНР е државна институција која се занимава со класична дипломатија или пак службата за односи со јавноста е маркетинг куќа или модна агенција, па мора да се бираат вакви супер модели од фото-апарати. И второ, дали МНР како институција која е свесна за стандардот на даночните обврзници чии пари троши, треба да биде малку поскромна и да не се луксузира трошејќи го буџетот на вакви скапи технолошки играчки? Или можеби токму овој скап фото-апарат е дел од дипломатскиот успех на министерот Димитров кој пред извесно време беше избран за маж со стил на годината? Како и да е, следниов период јавноста ќе може барем да ужива во квалитетните фотографии направени од министерството за надворешни работи.