Од денеска започнува поднесувањето на барања за финансиска поддршка за произведено и продадено грозје од сортите вранец и смедеревка во регистриран капацитет за производство на вино во земјава, соопштуваат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Финансиска поддршка од еден денар ќе добијат сите земјоделци кои произведеното грозје од сортите вранец и смедервка, го предале на регистриран капацитет на вино во Република Македонија“, велат од агенцијата во своето соопштение.
Оттаму додаваат и дека земјоделците кои ги исполнуваат условите барањата може да ги поднесуваат и по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата како што посочуваат од агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој може да се поднесуваат најдоцна до 25-ти декември годинава.
Заедно со барањето, земјоделците треба да достават и потврда за откупено грозје, издадена од страна на регистриран капацитет за производство на вино, се додава во соопштението на агенцијата.