Над 22 проценти од вкупниот број на населението во Македонија е сиромашно, а детската сиромаштија е близу до 30 проценти, соопшти Билјана Дуковска, претседателка на Здружението „Платформа против сиромаштија“ на денешната работилница во Струмица.
Додаде дека степенот на сиромаштија во Македонија секоја година е се повисок.
-Не се бележи стагнација или пад. Се посиромашни се семејствата кои имаат деца, а детската сиромаштија е во пораст во изминатата година и за жал имаме луѓе кои се повеќе се на работ на сиромаштијата и тешко излегуваат од неа, рече Дуковска.
Според Соња Таневска, помошник претставник на Фондот за население при Обединетите нации, серијата работилници низ државата има за цел да разговара со населението, невладиниот сектор и претставници на локалната самоуправа за одржлив развој.
–Нам цел ни е да се обезбедат подобри податоци за населението за да можат да се разберат причините за сиромаштијата, нееднаквоста или тоа што значи нееднаков развој на целото општество, рече Таневска.
Додаде дека на сиромаштијата влијаат повеќе фактори, а бројките на населението треба да покажат кои се луѓето кои се најмногу обесправени, во какви услови живеат и со какви проблеми се соочуваат, а пописот како најголема статистичка операција треба да ги обезбеди податоците за најразлични карактеристики за населението.
Според „Платоформата против сиромаштија“ најпогодени се бездомните лица, лицата со попреченост, млади и постари сиромашни лица, како и обесправени жени и девојки.