Две децении од почетокот на војната во Југославија и успешниот живот во Њујорк, уредничката за патување на сајтот на ББС, Ања Мутиќ, одлучила да се врати таму каде што е родена, или, како што кажува, во земјата која повеќе не постои. Таа своето искуство го опишала во текст за ББС.
Ања пораснала во Загреб. Детинството го поминала како и секое друго девојче. Играла со барбики, собирала штрумфови, а во тинејџерските денови гледала Беверли Хилс и била заљубена во Дилан.
Потоа започнал распадот на Југославија, а потоа и војната. Ања тогаш одлучила да замине од овој регион. Сепак, 15 години подоца, таа сеуште се прашува – каде е мојата куќа?
Така таа запчнала да патува во секоја од поранешните југословенски држави- Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Србија и Македонија. Тогаш имала можност да се запознае со луѓето и да ги слушне нивните приказни.
Патувањето траело отприлика шест недели, скоро по недела дена во секоја република. За време на патувањето сретнала многу луѓе со кои седела и пиела кафе. Брзо сфатила дека не и е потребен туристички водич, бидејќи се што барала, локалните жители и нуделе.
Приказните кои ги слушнала од повеќе од 50 луѓе со кои се сретнала се доказ дека духот на Југославија сеуште живее.
„Мора да признам дека Југославија за мене никогаш не се распадна“, и рекла Данче од Македонија и додала дека „Југославија е местото во кое живеам, она што сум и засекогаш така ќе останам“.
Сабрије Елези и Уснија Фетахи кои исто така се од Македонија и кажале дека животот тогаш бил поубав.
Откако испила кафе со нив, Ања се вратила во собата да пишува. Некои од нејзините соговорници биле расположени за чиста политичка расправа и сопствена теорија за распадот на Југославија. Други имале свои идеи и можеби омраза кон некоја држава од Југославија. Се на се, Ања од сите соговорници не успеала да го добие одговорот на нејзиното прашање.
По враќањето во Њујорк, Ања дошла до заклучок дека сите луѓе неколку пати во животот доживувале „големи приказни“. На почетокот на патувањето се надевала дека ќе ги најде своите корени и чувство на припадност. Тогаш дошла до нова мисла, односно дека помот „дома“ е флексибилен и дека земјата во која пораснала повеќе не постои.