Живот 10. април 2018. / 11:20

Празниците омилени за крадците

Празниците омилени за крадците

За празниците празните домови се често мета на несакани гости. Се краде сѐ што може да донесе добра заработка. Граѓаните се претпазливи. МВР апелира приватноста помалку да се објавува на социјалните мрежи…

Златен накит, кеш пари, велосипеди, лаптопи, скапи мобилни телефони – крадците не се многу избирливи кога станува збор за пленот – важно им е да им донесе фина заработка штом ќе го препродадат. Нa празниците, кога луѓето се далеку од дома, гледаат одлична можност за реализација на својот крими-план. Но, и граѓаните не се веќе толку наивни. По зачестените кражби, а особено ланската велигденска, кога беа украдени половина милион денари од стан во Скопје, повеќе се внимава.

Од полицијата велат – кражбите генерално се планираат однапред. Станува збор за уиграни тимови. Едните го следат движењето на жртвите и нивната секојдневна динамика, времето кога одат и се враќаат од работа. Се информираат дали во домот постои видеонадзор, каква е бравата, дали може да ги изненади куче што би направило врева. Ги обележуваат локациите што им се чисти и проверени, за да може друг тим непречено да оперира.

Кражбите во станови најчесто се вршат во периодот од 8 наутро до 16 часот. Крадците се прекачуваат преку балконите и насилно ја отвораат вратата. Во куќите влегуваат претежно навечер преку приземните прозорци.

На мета може да бидат и автомобилите, оние што се оставени на небезбедни и темни паркинзи.

Од полицијата апелираат граѓаните да бидат внимателни и со објавите на социјалните мрежи, затоа што нивното т.н. чекирање на место далеку од дома, може скапо да ги чини.