Младо момче од Шпанија не може да стане од кревет од јануари, бидејќи, докторите навремено не му ја откриле смртоносната бактерија која предизвикува менингитис.
Давид Морана (24) бил примен во ургентен центар во Мурсија, поради висока температура, малаксаност и болки во вилицата. При анализа на крвта и мокрачата, докторите не откриле ништо, па му дијагностицирале грип и го отпуштиле од болница.
Состојбата на момчето, за жал се влошила. Температурата му пораснала над 39 степени и почнал да повраќа, а наредниот ден кога се разбудил имал кафеави дамки на лицето.
„Се чувствував слабо. Имав болки во стапалата, чувството беше како да ми замрзнаа нозете. Кога ги извадив чорапите, видов дека имам темни дамки, но поголеми од оние на лицето“, раскажа Давид за шпанските медиуми.
Тогаш тој повторно отишол на болница, каде откриле дека има менингитис, но веќе било предоцна. Поради инфекцијата, за помалку од два дена дамките се прошириле низ цело тело. Му откажале дел од органите и бил на работ на смртта.
Докторите биле приморани да му ги ампутираат двете раце и двете нозе. Давид на интернет апелирал да му се помогне да собере пари за неопходните протези со кои би можел нормално да се движи.
Инаку момчето секој слободен момент го користел за спорт: пливал и трчал, но и уживал да готви и да се дружи.