Сите дрвени прегради на испустот на реката Дрим деновиве се отворени, а од Охридското Езеро во реката се испуштаат максимални количини вода со цел да се ублажат последиците од зголеменото ниво на езерото кое и натаму е над максимално дозволената граница при големи води од 694 м.н.в. предвидена со водостопанската дозвола на ЕЛЕМ кој според податоците на комапнијата оваа зима бележи зголемување во производството на електрична енергија од околу 40 %. Надојденото Езеро значително ги намали површините на плажите, а дел од нив претрпеа и штети.
Во невремињата на 17 и 31 март уништени беа терасите и платформите изградени во езерото, чиј статус не е законски регулиран, поради што не можат да бидат предмет на отшета.
Експертите предупредуваат дека вакви екстремни осцилации на нивото на Охридското Езеро, кои крајно штетно влијаат и на живиот свет, ќе има и во иднина доколку не се промени начинот на управување со езерото кое со децении се третира и користи како акумулација за производство на електрична енергија, за што е отворен процес во рамки на Дримскиот проект.