Живот 10. јули 2018. / 18:06

Невремето предизвика до 80 отсто штета врз јаболковите насади во преспанскиот регион

Невремето предизвика до 80 отсто штета врз јаболковите насади во преспанскиот регион

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и локалните власти излегоа на терен во увид на штетите врз земјоделските посеви од вчерашното невреме во преспанскиот регион.

Според првичните информации, поројниот дожд и град во регионот предизвикал најголеми штети во село Јанковец, Ресен, како и во делови од селата Златари и Сопотско. Општинската комисија веќе е излезена на терен и врши проценка на штетите, а првите прецизни проценки на оштетените јаболки ќе можат точно да се соопштат следната недела. Сепак, според првичните проценки, штетите врз насадите се од 70 до 80 отсто.

Почнувајќи од месец мај, Преспанскиот регион е дури шест пати погоден од невреме, информираат од МЗШВ.

Штети од невремето се забележани и во прилепскиот регион, поточно во Големо и Мало Коњари. Општината Прилеп и таму формираше Комисија за проценки на штети, која ќе биде задолжена за проценка на материјалните штети на објекти и приватни имоти, по што ќе следува постапка за обештетување. Владата на Република Македонија работи на усогласување на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за заштита и спасување, за да се унифицира постапката и да не се формираат повеќе комисии, со цел да се забрзат постапките и да се пратат до владината комисија, која што ќе ја преземе целокупната работа во делот на обештетувањето.

„Општинските комисии се веќе формирани. Во меѓувреме МЗШВ работи на долгорочна стратегија односно на сет мерки за заштита на земјоделството од временските непогоди предизвикани од климатските промени“, информираат од Министерството.