Живот 06. август 2018. / 17:16

„Краво и кучко“ – негователка во градинка со погрдни зборови кон децата (ВИДЕО)

„Краво и кучко“ – негователка во градинка со погрдни зборови кон децата (ВИДЕО)

Скандал во детска градинка. Наместо да смири расплакано дете, негователка од гевгелиската градинка „Детска радост“ на вознемиреното детенце му се обраќа со недолични зборови. Видеото снимено од извесна Јулијана Ортаковска, кое ги вознемири граѓаните, експресно се рашири на социјалните мрежи. Во него јасно се слуша силен детски плач, а во позадина нервозна негователка која со висок тон се обидува да го смири девојчето.

„Еве што се случува позади грб на родителите, од „многу искусните“ вработени во градинките“, пишува во постот на „Фејсбук“, корисничката која го снимила видеото.

– Плачењето траеше два саати, а таа наместо да ги смири им се обраќаше со кучко една, краво и што уште не. Срце ми се распарчи мали деца да трпат таква тортура, страшно и безобразно, пишува таа.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека веднаш по обелоденување на случајот во градинката била испратена инспекција. Доколку се утврди вина, ќе следат санкции, велат од труд и социјала.

„Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани. МТСП нема да толерира било какво несоодветно однесување со децата во градинките. Во најбрз рок ќе ја известиме јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај“, велат од МТСП.

Инаку, ова не е прв случај родители да се жалат дека деца им биле жртви на насилство во градинките. Пред три месеци, 11 месечно бебе од скопската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ заврши на детска хирургија со угриз на грбот и рана на главата. Воспитувачката, се обидела да го прикрие случајот и тогаш на родителите им кажала дека девојчето било гризнато од инсект.

Пред две години, пак, во занимална во градинката „Срничка“ во Аеродром, негователка истурила кафе врз лицето на девојче кое спиело во своето креветче.