Живот 23. април 2018. / 17:35

Комуналец започна со пролетно чистње на дивите депонии

Комуналец започна со пролетно чистње на дивите депонии

Ј.К.П. ,,Комуналец,, Прилеп и Локалната самоуправа акцијата за чистење на дивите депонии, која во континуитет ќе се одвива околу еден месец, ја посветуваат на Светскиот ден на планетата Земја.

Чистењето на 10-тте детектирани диви депонии започна минатата недела од најризичната дива депонија кај надвозникот на излезот за Битола. Иако комплетно исчистена, несовесните граѓани и градежните фирми и понатаму си поигруваат со природата и изминативе денови на оваа локација повторно се исфрлени купишта земја, градежен шут, разноразен комунален отпад, огромни бетонски блокови и столбови.

Директорот на Комуналец Звонко Јованоски апелираше за поодговорно и посовесно однесување на граѓаннте и градежните фирми, да го одлагаат отпадот на депонијата Алинци а од друга страна ги повика инспекциските служби и комуналните редари да пристапат кон санкционирање и казнување на несовесните поединци и фирми:

-Битката со дивите депонии ќе ја добиеме само тогаш кога граѓаните и градежните фирми од градот ќе бидат наши сојузници а не како што е сега наши противници. Апелирам до сите градежни фирми, сите наши граѓани дека вратите на депонјата Алинци се ширум отворени секој што има градежен шут бесплатно може да го однесе, да го депонира таму без да плати никаков надомест на Ј.К.П. „Комуналец“. Јавно ги повикувам и апелирам комуналните инспектори и комуналните редари да излезат на терен, да ги увидат овие девијантни појави и да ги спречат. Воедно да ги насочуваат граѓаните и градежните фирми својот градежен шут да го депонираат во депонијата Алинци а оние несовесните и неодговорните да бидат санкционирани и казнети. Само така ќе можеме да си ја заштитиме животната средина, да си го заштитиме градот и планетата Земја.

По чистењето на дивата депонија кај надвозникот, на која се натрупани над 350 м3 инертен отпад и комунален отпад, ќе се продолжи со чистење на дивите депонии над касарната „Мирче Ацев“, Заполшки мост, патот спрема Оревоец, над населбата „Кузман„, патот за Маркова чешма и Ленишки мост, на патот спрема вештачкот езеро, и на повеќе локации во населбата Тризла.

Во 2017 година само на депонијата Алинци се одложени 3.228 тони градежен шут и 323 тони неупотреблива земја, од вкупниот отпад однесен на депонијата или 26.500 тони комунален отпад одложен на депонија.

Приказ на поголеми лоцирани диви депонии:

Околу касарна “Мирче Ацев“ од кај улицата Ердован Шабаноски = 300 м3
Надвозник “Салида“ = 350 м3
Заполшки мост = 40 м3
Пат спрема Ореовец = 100 м3
Населба “Кузман“ = 30 м3
Патот за “Маркова чешма“ и “Ленишки мост“ = 200 м3
Патот спрема вештачко езеро, лево = 400 м3
Нови гробишта, обиколен пат за манастир Трескавец = 450 м3
Населба Тризла, недефинирано на повеќе локации