Живот 25. јуни 2018. / 11:55

Докторатот не ти бега Никола: Груевски го брани трудот нареден петок

Докторатот не ти бега Никола: Груевски го брани трудот нареден петок

Експремиерот Никола Груевски следниот петок, на 6 јули, на Економскиот факултет во Скопје ќе ја брани докторската дисертација. Темата на докторатот е „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“. Одбраната е закажана за 12 часот, објави а1он.мк.

Комисијата професори во состав: Методија Несторовски, Михаил Петковски, Владимир Филиповски, Љубе Трпески и Живко Атанасовски дала позитивно мислење за докторатот. Според Билтенот објавен на УКИМ, докторатот содржи 315 страници текст, поделени во 7 поглавја. Ментор на Груевски му е професорот Михаил Петковски. Во предлогот на комисијата за одбрана на докторатот пишува: „Кандидатот содржински целосно успеал да опфати бројни значајни прашања од областа која ја истражува. Темата е актуелна и обработена на концизен начин, при што кандидатот користел обемна релевантна домашна и странска литература. Анализата е извршена со примена на современи научноистражувачки методи, што му овозможило да дојде до релевантни констатации и заклучоци“.