Занимливости

Тестирај го своето знаење: Грците запрашани колку добро ја познаваат Македонија

Тестирај го своето знаење: Грците запрашани колку добро ја познаваат Македонија

Грчката државна новинска агенција АНА-МПА квизот што редовно го објавува на својот официјален сајт овој пат го посветува на Македонија и ги повикува читателите да одговорат на пет прашања.

– Тестирај го своето знаење на квизот на АНА-МПА. Колку добро ја познаваш ПЈРМ?, пишува на почетната страница на сајтот на агенцијата, а доколку некој реши да го тестира знаењето, ќе треба да одговори на пет прашања.

Киро Глигоров, Никола Груевски, независноста, популацијата и албанското малцинство се дел од темите за кои Грците треба да одберат еден од понудените три одговори.

Првото прашање гласи: Кога ПЈРМ прогласи независност од поранешната Југославија? А понудените одговори се 1989, 1990 и 1991.

Второто прашање е заедно со фотографија од првиот македонски претседател, а оние кои што го решаваат квизот, треба да одговорат кое е неговото име: Васил Тупурковски, Киро Глигоров или Антонио Милошоски.

– Колку години Никола Груевски беше премиер ? Гласи следното прашање, а понудените одговори се: 10, 12 и 14.

Во четвртото прашање, АНА-МПА ги прашува Грците „колку проценти од жителите на ПЈРМ се со албанско потекло“, дали 20, 25 или 30 отсто.

Последното прашање е поврзано со бројот на жители, односно прашањето гласи: „според последниот попис во 2017 (иако последниот попис во Македонија е од 2001 година), бројот на населението во ПЈРМ е“, а понудените одговори се: 2.1 милион, 2.7 милиони или 3.2 милиони.

Секој точен одговор се одбележува со зелено, а неточниот со црвено.

По одговорените пет прашања, квизот завршува со резултат изразен во проценти согласно точните/неточните одговори.

Водејќи се според актуелните теми, грчката новинска агенција во минатото објави квизови на кои Грците имаа можност да го тестираат знаењето за различни теми.

Колку добро ја знаеш историјата на Светското првенство во фудбал? Колку добро ја познаваш Европа и Европската унија? Колку работи знаеш за Меѓународниот саем во Солун?, се само дел од веќе објавените квизови на АНА-МПА.