Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека во Донбас нема да се случи Сребреница, затоа што Украина била поинаква земја која ги почитува своите граѓани.
– Ние сме поинакви луѓе, слободни, демократски. Сфаќаме дека таму живеат Украинци. И ние ги почитуваме граѓаните на Украина…. Нема да има никаков масакр…Ние сме поинаква влада. За нас е најбитен човечкиот живот. Затоа, не ги примам таквите заклучоци – истакна Зеленски во интервју за телевизијата „1+1“.
Рускиот претседател Владимир Путин пред три дена изјави дека во Донбас може да се случи втора Сребреница доколку Киев воспостави контрола врз границата со Русија, а пред тоа да не ја обезбеди заштитата на граѓаните на Донбас, пренесоа руските медиуми.
Зеленски, исто така, смета дека некои точки од договорот од Минск може да бидат променети, а посебно оние што се однесуваат на граничната контрола.
– Минаа четири години од Минск. Се се менува во нашите животи. И ние сфаќаме дека не ние, како администрација, сме го потпишале Минск, но ние, како влада, сме должни да ги исполниме условите на кои тогашната влада се обврзала – изјави Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека, сепак, е сигурен оти некои работи можат да се променат.
– Некои работи ќе ги смениме, бидејќи токму предавањето на украинската државна граница под наша контрола после изборите, што дефинитивно е наш став – истакна Зеленски.