Московската полиција го уапси непознатиот маж кој во зградата на „Алфа Банка“ во центарот на рускиот главен град држеше како заложници повеќе од пет лица.
Руските медиуми објавија дека во инцидентот немало жртви.
Единицата за специјални операции изврши упад во филијалата на „Алфа Банка“ и го уапси напаѓачот кој се закануваше дека ќе активира експлозив – изјавил неименуван извор за агенцијата ТАСС, додавајќи дека лицето кај себе имало лажна експлозивна направа.
Изворот наведува дека киднаперот бил со „нарушено ментално здравје“ и ќе биде испратен на медицинско набљудување.
Полицијата соопшти дека напаѓачот при влезот во банката имал кај себе кеса од компанија за доставување храна, за која тврдел дека во неа има бомба. Руските медиуми објавија дека тој бил облечен во униформа на компанијата, но од таму наведуваат дека немаат информација оти нивен работник држи заложници.