Свет 23. мај 2018. / 12:13

Заташкуван скандал ја тресе Германија – азил за 1.000 евра на рака

Заташкуван скандал ја тресе Германија – азил за 1.000 евра на рака

Со години новодојденците во Бремен лесно можеле до азил ако знаеле извесен адвокат, кој знаел извесно лице во врвот на Канцеларијата што одлучува за азил, пишува Дојче веле.

Поради тоа изби огромен скандал, особено што случајот бил долго заташкуван.

Како што пренесува Дојче веле, најмалку 1.176 лица добиле ализантски статус во Бремен, иако не ги исполнувале сите услови. Или не поседувале документи или лажеле за своето потекло, а често не им биле земани ни отпечатоци од прсти.

Во центарот на скандалот е Улрике Б, сега веќе поранешна шефица на филијалата на Федералната канцеларија за миграција и бегалци во градот-покраина Бремен.

Државното обвинителство го испитува работењето на оваа жена и нејзината мистериозна врска со адвокатот Ирфан Ц, кој во повеќето случаи ги застапувал барателите на азил. Упатените тврдат дека двајцата биле во блиски односи, често излегувале во ресторани или џогирале заедно. Тоа го забележале и вработените во Канцеларијата на Бремен, кои тврдат дека Ирфан Ц често навраќал носејќи колачи за сите и лично ги земал позитивните одлуки за барањата за азил од неговите клиенти.

Еден Курд за медиумите рекол дека Ирфан Ц му помогнал да добие азил преку Бремен за 1.000 евра исплатени на рака. Не е познато колку пари адвокатот незаконски стекнал на овој начин ниту дали и колку профитирале службениците од Бремен.

Шпигел објави и дека Федералната канцеларија за миграција и бегалци уште во 2014 година била информирана за чудната практика во Бремен. Интерните мејлови до кои дошол Шпигел сугерираат дека и шефицата на Федералната канцеларија, Јута Корт, во февруари минатата година знаела дека злоупотребата е масовна, но одлучи да забошоти сè.

Сега се проверуваат 18.000 случаи од Бремен, особено оние во кои барателите на азил ги застапувал адвокатот Ирфан Ц.