Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека американските паметни ракети за кои зборува претседателот на САД, Доналд Трамп би можеле да ги уништат сите докази за употребата на хемиско оружје во Сирија.
– Паметните ракети би требало да летаат кон терористите, не кон легитимно избрана Влада, која со години се бори против тероризмот на своја територија, истакна Захарова.
Претходно, Трамп на Твитер и порача на Русија да се подготви за „нови и паметни ракети“ во Сирија. Тој на Твитер напиша дека Русија не би требало да биде партнер со „животно кое ги убива со гас“ своите луѓе и кое во тоа ужива.
– Русија вети дека ќе ги собори сите ракети истрелани врз Сирија. Русијо подготви се, затоа што ќе дојдат убави и нови и паметни (ракети), напишта Трамп на Твитер.
Но, 40 минути подоцна, Трамп повторно на Твитер напиша „Да ја прекинеме трката во вооружување?“
– Нашиот однос со Русија е на полошо ниво од кога било, вклучително и од времето на Студената војна. Нема причина да биде така. На Русија и е потребна нашата помош со нејзината економија, што на нас би ни било многу лесно да го сториме, а на нас ни треба сите држави да работат заедно. Да ја прекинеме трката во вооружување?, напиша Трамп во вториот твит.
Односите помеѓу САД и Русија се влошија по извештаите за хемиски напад во сирискиот град Дума, за што е обвинет режимот на Башар ал Асад, кој има поддршка од Моска.