Уривањето на рускиот авион Антонов, во кој загинаа 71 лица, во февруари оваа година во близина на Москва, е предизвикано од погрешно постапување на пилотите, соопшти рускиот истражен комитет.
Со помош на меѓувладиониот комитет за авијација задолжен за испитување на воздухопловни несреќи, рускиот истражен комитет утврдил како се одвивал овој лет, секунда по секунда.
Причината за уривањето била погрешно постапување на пилотите, се наведува во соопштението. Според податоците за регистрирање на летот и разговорот на екипажот, во црната кутија, пилотите при полетување не го приклучиле греењето за сондите за мерење на брзината и тие замрзнале.
Капетанот Валериј Губанов добил погрешни информации за опаѓање на брзината на авионот, и за да ја зголеми, одлучил авионот да го пренасочи надоле. Меѓутоа, нагибот на леталото станал преголем и со него повеќе не се можело да се управува, па авионот се урнал.
Авионот Ан-148 на авиокомпанијата Саратов Ерлајнс се срушил на 11 февруари, четири минути по полетувањето од аеродромот во Москва. Загинаа сите 65 патници и шест членови на екипажот.